Пишува: Маја Богоевска
Сакале или не, доаѓа и тој момент во животот. Кога ќе престанеме да правиме нешто (или сè) за другите. И ќе викнеме на цел глас „Доста!“. Е, тогаш е вистинското време да си го поставиме прашањето: „Што направиле овие луѓе за мене?“
Пробајте одговорот на ова прашање да го напишете на еден лист хартија. Зашто само на тој начин, црно на бело ќе ги видите сите околу вас на дело.
Нели е доста да бидете пријател/роднина/колега во кого гледаат само корист? А не човек кој од срце и душа им помогнал штом бил во можност? Безусловно! И никако поинаку!
Епа драги мои, сето тоа има своја цена. А таа цена несвесно ја плаќате вие, токму во оној момент кога наместо да ви подадат рака, ќе ви фрлат карпа да ве повлече надолу кон дното. И додека тонете ќе ви фрлат уште една, поголема, случајно да не испливате.
Колку и да не сакате да верувате, животот ќе ве освести. Тој момент кај некого доаѓа порано, кај некого подоцна. Зависи колку се залажувате себеси.
Ова е време на луѓе без емпатија, користољубиви среброљупци кои бездушно ќе ја искористат вашата подадена рака. И не, не мора да биде лично кон вас. Едноставно е – не знаат поинаку.
Фасцинира нивната способност да ви наметнат чувство на грижа на совест ако не можете да им го исполните она што ќе го побараат. Манипулација – пар екселанс!
Пријатниот и насмеан лик, кој ви зборувал милозвучно дури сте му требале, ви се јавувал на телефон по сто пати, најпрво го менува односот кон вас. Потоа, како од ведро небо го снемува. Познато?
Во мигот кога ќе го сфатите сето тоа, време е да ги откриете и да ги прекинете сите нездрави врски, пријателства/непријателства, кои ви предизвикуваат само чувство на должници и заложници.
Затоа што и да сакате да им кажете дека ве повредиле, тие тоа нема да го разберат или ќе бидат задоволни од постугната цел, а во најчест случај ќе им биде сеедно. А таа бездушноста најмногу боли. Затоа – поштедете се.
Не грижете се. И вака и онака, вие на крајот секако ќе бидете виновникот. Па што! Бидете виновни што сте се избориле за своето јас. И за мирот во сопствената душа. Зашто оној кој го нема, воопшто не ни живее.
И, овие користољупци нека не ја замрачат вашата светлина. Не дозволувајте да се претворите во нив. Не прекинувајте да помагате. Научете само кому и каде.
„Кога сите луѓе би знаеле што зборуваат едни за други, на светот не би имало ни четворица пријатели.“ Блез Паскал