Две средношколки од Битола, Драгана Бандиловска од СОУ „Таки Даскало“ и Теона Димитрова од ООМУ „Д-р Јован Калаузи“, со својата идеја MINDMATE успеаја да се пласираат во вториот круг на натпреварот „Средношколец милионер“.
Нивната идеја е развој на паметна нараквица поврзана со мобилна апликација, која ќе им помага на корисниците полесно да се справуваат со секојдневниот стрес и да посветат повеќе внимание на сопствената ментална благосостојба.
MINDMATE е замислена како едноставен и практичен личен помошник. Преку вибрации и потсетници, нараквицата ќе ги поттикнува корисниците да направат пауза, да се одморат или да применат некоја од персонализираните вежби за дишење и релаксација. Мобилната апликација ќе овозможи следење на расположението и водење дневник на емоции, со цел создавање поздрави секојдневни навики.

Идејата произлегува од потребата да се посвети поголемо внимание на стресот и психичкиот притисок со кои се соочуваат луѓето, особено младите, во современото секојдневие.
Со многу труд, посветеност и верба во својата замисла, Драгана и Теона направија чекор напред во натпреварувањето, а сега се надеваат дека нивната идеја ќе добие поддршка од пошироката јавност.
Тие упатуваат повик до граѓаните да ја поддржат нивната приказна и проектот MINDMATE преку гласање, за идејата на овие две млади битолчанки да добие можност за понатамошен развој и реализација.
Гласајте тука: https://milioner.mk/vote/dd16b4fc-14db-4d69-88f6-3656575467fd








