Вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од секојдневното работење на компаниите, но со нејзината сè поголема примена се јавува и потребата од подобра контрола, следење на резултатите и управување со трошоците. Токму на овој предизвик одговор бараат двајца битолски средношколци, Христијан Стојоски и Данило Марковски од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, со својата идеја наречена „Nexora AI“.
Станува збор за централизирана софтверска платформа наменета за агенции кои работат со AI автоматизација. Нејзината цел е да овозможи сите AI агенти и автоматизирани процеси да се следат и анализираат на едно место, без потреба од користење повеќе различни системи.
Платформата се базира на два главни модули – Nexora Control и Nexora Insights. Првиот овозможува следење на активностите на AI агентите, завршените задачи, времето потребно за нивно извршување, направените трошоци и евентуалните грешки во работењето.
Вториот модул, Nexora Insights, ги анализира собраните податоци и помага да се откријат неефикасностите, непотребното трошење ресурси и можностите за заштеда. Врз основа на анализите, платформата ќе предлага начини за подобрување на работните процеси и зголемување на ефикасноста.
Гласајте тука: https://milioner.mk/vote/a4bfcdd4-7bcf-41ac-ac3a-bed8d727ae6f








