Со богата програма, по осумнаесетти пат ќе се одржи „Фестивалот на музика од светот“.
Почнувајќи од 25 ноември, битолската публика ќе има можност да ја слушне Амира Медуњанин (Amira Medunjanin), една од најпрепознатливите интерпретаторки на севдалинката. Со својот препознатлив стил, Амира на публиката ѝ овозможува поинакво музичко доживување, во кое традицијата добива современ израз.
На 26 ноември, односно втората фестивалска вечер, ќе биде посветена на поддршка и промовирање на македонските уметници. Програмата ќе ја отвори битолчанецот Јован Милошевски, композитор и гитарист. По него, пред публиката ќе настапат и CODE 369, битолски бенд кој со својот автентичен звук ќе ја направи вечерта уште поубава.
Третата фестивалска вечер, Шпанија доаѓа во Македонија. На 27 ноември, Битола ќе може да ужива во настапот на групата Sarsalé, која ќе ги претстави темпераментот и ритамот на фламенкото. Овој настап ќе се одржи во салата на НУ Народен театар – Битола.
На 28 ноември, фестивалската програма продолжува со настапот на турската група Martenitsa, која прави магичен спој на балканските мелодии, ориенталните звуци и современата музика.
Петтата фестивалска вечер, на 29 ноември, ќе донесе посебна музичка средба, обединувајќи ги препознатливиот вокал на Драган Мијалковски и Битолскиот дувачки оркестар.

Завршната фестивалска вечер, на 30 ноември, ќе донесе музичка средба на две традиции и култури. На сцената најпрво ќе настапи грузиското трио Trio Mandili, носејќи ги најубавите звуци на автентичните грузиски песни. По нив ќе настапи и групата „Баклава“, која ќе создаде топла и препознатлива музичка целина.
„Верувам дека ова издание ќе донесе безброј музички вечери, средби и нови пријателства. Ги поканувам сите Битолчани, љубители на музиката, да ни се придружат на овој наш музички крстопат“, порача директорот на фестивалот, м-р Сашо Илковски.
Селектор на фестивалот е Благојче Трајковски, кој порача дека изборот за селекцијата бил тежок, бидејќи барале уметници и за идните години. Изборот бил обемен, но годинава се одлучиле за овие осум настапи, со што очекуваат полни сали.
„Логото на фестивалот не е случајно и е направено со своја симболика. Логото и насловот го претставуваат вкрстувањето на традициите, државите и уметностите. Токму тие бои кои се наоѓаат на истата сцена ги поврзавме во еден музички крстопат, на кој е прикажано дека секоја група носи своја енергија и своја боја“ – посочува стручниот соработник на Центарот за култура – Битола, м-р Љупка Стефановска.
Елеонора Блажевска







