Македонскиот фолклор е дел од она што сите Македонци го носат во себе, без разлика на тоа каде живеат. Но, за оние кои се далеку од Македонија, народната песна и игра често будат посебни спомени и мирис на дома. Токму во тоа е и значењето на „Танец“, да ја пренесе таа блискост и таму каде што Македонија е далеку, а познатите звуци на народната музика, играта и носиите повторно да ги доближат луѓето до местото од кое потекнуваат. Како единствен професионален национален ансамбл од ваков вид во Македонија, „Танец“ со децении ја претставува богатата фолклорна традиција на домашните и светските сцени, градејќи препознатливо место во меѓународниот културен простор.

Таа поврзаност со корените и традицијата продолжува да живее и преку секое ново гостување на ансамблот, кој низ годините настапувал на бројни меѓународни сцени, претставувајќи го македонскиот фолклор пред публика од различни делови на светот. На тој пат, следната дестинација е Малта, каде што „Танец“ ќе ја продолжи својата турнеја со голем хуманитарен концерт.
Концертот ќе се одржи на 15 ноември, со почеток во 19 часот, додека влезот во театарот ќе биде од 18 часот. Ансамблот на „Танец“ ќе настапи во театарот St. Vincent de Paul во градот Luqa. Организаторите во официјалната објава за концертот ја наведоа и програмата за концертот, во која Бојан Велевски ја отвора вечерта со спектакуларно стендап-шоу, а во остатокот од вечерта публиката ќе може да ужива во гласот на Сузана Спасовска, која ќе ги опејува најубавите македонски песни, и ансамблот „Танец“, кој ќе го разбуди чувството на Македонија дури до Малта.


„Концертот е хуманитарен, па со вашето присуство ќе помогнете и за добра цел“, велат организаторите на настанот. А билетите се по цена од 20 евра, на karti.com.mk, и сите средства од билетите ќе бидат дадени за хуманитарни цели.
Елеонора Блажевска








