Во Битола од 18 до 20 август 2026 година се одржа второто издание на меѓународниот книжевен фестивал „Книжевни вертикали“, во организација на Македонско научно друштво – Битола.
Фестивалот, кој го организира Македонското научно друштво – Битола, друштво со 66-годишна традиција во поврзувањето на науката, уметноста и културата, започна на 18 август со свеченото обраќање на претседателката проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Таа истакна дека фестивалот е замислен како простор за афирмација на современата македонска и светска книжевност, развој на читателската култура и книжевната критика, но и како место за непосреден дијалог меѓу авторите, младите творци, академската и културната јавност.

На отворањето збор зеде и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој го поздрави фестивалот и зборуваше за значењето на БИТ ФЕСТ за Битола, како и за улогата на книжевноста во развојот на културната свест кај граѓаните.
Во првиот дел од вечерта беа книжевно претставени поетите Лулзим Тафа од Косово, Димитрис П. Краниотис од Грција, Калина Изабела Зјола од Полска и Арјан Т. Калчо од Албанија. Потоа настапија македонските поети Даниела Андоновска-Трајковска, Оливера Андоноска, Лили Бошевска, Милица Димитријовска-Радевска, Петре Димовски, Златко Жоглев, Никола Илијовски, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Габриела Стојаноска и Мирјана Стојановска. Настанот го модерираше проф. д-р Билјана Граматковски, а со музички настап на пијано се претстави Злата Даниловска.
Вториот ден, 19 август, започна со креативните поетски работилници „во движење“, кои се реализираа во Хераклеја, преку Широк Сокак, црквата „Св. Димитрија“, па сè до Старата чаршија.

Учесниците се запознаа со културните знаменитости на Битола преку презентациите на м-р Стефан Караџовски, историчар, и м-р Александар Гулевски, историчар на уметност. Ова послужи како инспирација за создавање нови песни за Битола, кои ќе бидат објавени во посебно издание на Македонското научно друштво – Битола. Дел од нив беа вклучени и во поетската инсталација предвидена за третиот ден од фестивалот.

Во попладневните часови, во просториите на Македонското научно друштво – Битола, беше промовиран најновиот, 18. број на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, во издание на МНД. За списанието се погрижија уредниците Весна Мундишевска-Велјановска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Беше реализирана и тркалезна маса на тема „Вештачката интелигенција и книжевноста – предизвици и перспективи“, модерирана од проф. д-р Златко Жоглев. На неа учествуваа поетите кои беа дел од фестивалот, членови на МНД, но и други заинтересирани граѓани.
Дискусијата се фокусираше на влијанието на вештачката интелигенција врз современото книжевно творештво, можностите за нејзино користење како помошна алатка, но и прашањата поврзани со авторството, оригиналноста, интелектуалната сопственост и етичката транспарентност.
Беше истакнато дека ВИ не треба да се гледа ниту како закана, ниту како замена за авторот, туку како алатка чија вредност зависи од начинот на кој се користи, при што човечката креативност и искуство остануваат во центарот на книжевноста.
На 20 август, во Кафе бар „Пионерски дом“, се одржа поетско кафе, кое започна со инспиративното предавање на проф. д-р Биљана Цветкова Димов за значењето на везот од културолошки, социолошки, уметнички, историски, но и книжевен аспект.
„Во кругот на гергефот можат да се сретнат традицијата и современоста, раката и мислата, минатото и иднината, личното и колективното, уметноста и секојдневието. Тоа што изгледа како едноставна рачна техника може да стане начин на раскажување“, истакна проф. д-р Цветкова Димов.
Поетите везеа и со конци и со зборови. Под водство на Живка Танушевска Ицаноска, наставничка од текстилната струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола, тие создадоа вез со логото на „Книжевни вертикали“, а со своерачен потпис на платното го овековечија својот влог во создавањето трајни поетски пријателства.
Тие рачно ги испишаа и своите стихови за Битола врз посебно изработена рециклирана хартија од учениците од графичката струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола, под менторство на наставничките по графички стручни предмети Валентина Ристеска и Весна Мундишевска-Велјановска.
Поетските автографи станаа дел од поетската инсталација која ќе биде трајна поставка во просториите на Македонското научно друштво – Битола.
Учесниците на фестивалот најдоа инспирација и во изложените ликовни дела во Галерија и музеј „Ранко Струмениковски“, каде што ја посетија изложбата „ТОПОС“ на современа полска графика. Поетите беа топло пречекани од д-р Драган Ристевски.
Второто издание на „Книжевни вертикали“ понуди тридневна програма во која книжевноста, уметноста, историјата и современите теми се поврзаа во една целина, создавајќи простор за средби, размена на идеи и нови поетски пријателства.







