Пишува: Сара Танаскоска
Трулоста никогаш не започнува одеднаш. Таа е процес што тлее со години, тивко и незабележливо. Не доаѓа како јасна временска прогноза што навреме предупредува на невреме, туку се насобира во тишина, сè додека еден ден не нè погоди како гром од ведро небо. Не испраќа предупредувања, ниту знаци што лесно се читаат. Се собира во пукнатините на секојдневието, сè додека еден ден не се распрсне пред нас.
Живееме како роботи во современиот свет на навреди и љубомора, во етерот каде ретко кој го вреднува зборот што има тежина, а на пиедесталот сè почесто се поставува трулоста. Несвесни дека данокот на таквиот живот се плаќа на рати. Меѓутоа трулоста не е во зборовите кои ги изговараме туку напротив таа живее во молкот. Во моментите кога гледаме неправда, а одбираме да молчиме. Во миговите кога нечија болка ни станува забава, а не причина за сочувство. Во времето кога туѓиот неуспех нè радува повеќе отколку сопствениот успех.
Најстрашно е што човекот не се навикнува на добрината, туку на лошото. Секојдневно гледаме навреди, омаловажувања и злоба, па полека почнуваме да ги прифаќаме како нешто нормално. Она што некогаш нè згрозувало, денес едвај го забележуваме. И токму тука се наоѓа точката на трулоста – во моментот кога ќе престанеме да се чудиме.
Секое време носи свои предизвици, но нашето време како да ја изгуби способноста за самокритика. Полесно ни е да впериме прст кон другиот отколку да се соочиме со сопствените недостатоци. Полесно ни е да осудиме отколку да разбереме. А секоја осуда што ја изговараме без причина остава трага, не само врз другиот човек, туку и врз нас самите.
Затоа трулоста не е нешто што му се случува само на општеството. Таа му се случува на секој поединец што ќе дозволи горчината да стане негов секојдневен јазик. Започнува во човекот, а потоа се прелева насекаде околу него.
Можеби лекот не е во големите промени што постојано ги очекуваме, туку во малите нешта што ги занемаруваме. Во зборот кажан со почит. Во способноста да се радуваме на туѓата среќа. Во храброста да останеме луѓе дури и кога светот околу нас заборава што значи тоа.
Зашто точката на трулоста не е крајот на еден процес. Таа е моментот кога ќе одлучиме дали ќе станеме дел од распадот или дел од промената.








