Само неколку дена се доволни една просторија исполнета со непознати мелодии, различни јазици и традиционални инструменти да се претвори во заеднички оркестар. Токму таква атмосфера деновиве владее во Битола, каде се одржува шестото издание на меѓународниот музички камп „Етно Македонија“.
Учесниците на кампот пристигнуваат со по една песна или мелодија од својата музичка традиција, која потоа ја пренесуваат на останатите без ноти – преку слушање, повторување и заедничко музицирање. За само неколку дена тие учат да пеат на повеќе јазици, ги совладуваат необичните ритми и ги откриваат приказните што се кријат зад секоја песна – дали таа зборува за љубов, славење, разделба, секојдневниот живот или носи наследство пренесувано низ генерации.
Работилниците се интензивни, но исполнети со многу смеа, љубопитност и меѓусебна поддршка. А кога ќе завршат официјалните проби, музиката речиси никогаш не престанува. Во слободните часови повторно се земаат инструментите, се разменуваат нови мелодии и секогаш се наоѓа некој што сака да научи уште една песна или ритам.

Публиката ќе има можност да го слушне резултатот од оваа единствена музичка размена на 23 јули (среда), со почеток во 21:00 часот, во Офицерскиот дом во Битола, каде ќе се одржи завршниот концерт во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
На сцената ќе настапат млади музичари од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Турција, Белгија, Португалија, Шведска и Шпанија, кои ќе изведат концертна програма создадена токму за време на кампот. Репертоарот ќе биде составен од традиционални песни и мелодии од земјите од кои доаѓаат учесниците, обработени и изведени во духот на заедничкото музицирање.
„Етно Македонија“ е во организација на Музичка младина на Македонија и претставува дел од глобалната Ethno програма на JM International, која се реализира во повеќе од 45 земји низ светот. Нејзината мисија е младите да се поврзат преку музиката, разменувајќи не само мелодии, туку и култури, јазици, традиции и животни приказни.
Влезот на концертот е слободен.








