Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ, на Београдско драмско позориште, синоќа беше затворено јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Според оценките на публиката, за најдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ во режија на Андреј Цветановски, во изведба на Турскиот театар.
Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски за „Црнила“, а за најдобра машка улога беше награден Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев во истата претстава.Меѓу наградените се и Слаѓана Вујошевиќ за главна женска улога во „Амадеус“, Александар Степанулески и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за споредни улоги во „Мачкина глава“, како и Сара Спиркоска и Јеткин Сезаир, добитници на наградите за млад актер и актерка.
Наградите за сценографија, костимографија и музика им припаднаа на Валентин Светозарев, Марија Пупучевска и Ирена Поповиќ-Драговиќ, додека „Страв и надеж“ беше наградена за уметничко остварување на претстава во целина.
Во своето обраќање, уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска, која го водеше фестивалот во изминатите четири години, истакна дека во денешното „време на општото сеедно“ е потребна голема храброст за да се следи и реализира сопствената визија. Таа се заблагодари на публиката, тимот и волонтерите, нагласувајќи дека фестивалот е место каде што секој јуни живее театарот.
Фестивалот годинава ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески.Во чест на наградените, беше изведена претставата „Црно злато“, која со силната актерска игра и актуелната тематика предизвика голем интерес и силни реакции кај публиката.







