Секогаш постоела разлика меѓу генерациите, но денес таа изгледа подлабока од кога било. Како да зборуваме различни јазици, иако живееме под ист покрив, во исто време и во иста реалност. Постарите велат дека младите не ги почитуваат вредностите, младите чувствуваат дека не се разбрани, а меѓу нив се создава тишина полна со недоразбирања. Прашањето е едноставно, но одговорот е сложен: каде згрешивме?
Светот се менува пребрзо отколку што успеваме да се прилагодиме. Генерациите што пораснаа без интернет и оние што не знаат каков е животот без екран немаат исти перцепции за разбирање на реалноста. Она што за едните е нормално, за другите е непознато и често погрешно протолкувано. Наместо љубопитност, се јавува осуда. Наместо разговор, кратки реченици и молк.
Многу родители веруваа дека ќе ги заштитат децата ако им понудат подобар, полесен живот од оној што самите го имале. Но во таа желба, често забораваат да ги научат како да се справат со неуспех, со фрустрација и со сопствените емоции. Истовремено, младите пораснаа со огромен притисок да бидат успешни, среќни и прифатени, а ретко добија простор да бидат само – свои.
Од друга страна, постарите генерации носат товар од времиња кога се молчело повеќе отколку што се зборувало. Емоциите се потиснувале, проблемите се решавале во тишина, а слабоста не се признавалa. Денес, кога младите отворено зборуваат за анксиозност, замор и незадоволство, тоа често се доживува како претерување или неблагодарност.
Проблемот не е во различностите, туку во недостигот на обидот да се разберат. Сите сакаме исто – прифаќање, сигурност и чувство дека не сме сами. Но ретко си дозволуваме да слушаме без веднаш да судиме, да прашаме без да држиме лекција, да разбереме без да споредуваме со „нашето време“.
Генерацискиот јаз се продлабочува кога очекуваме младите да живеат по правила што веќе не важат, и кога постарите ги отфрламе како „застарени“. Забораваме дека секоја генерација е производ на времето во кое пораснала. Никој не избрал кога ќе се роди, но секој носи последици од тој момент.
Додека не прифатиме дека светот не му припаѓа само на спомените на постарата генерација или на соништата на младите генерации, недоразбирањето ќе продолжи. Мостот меѓу генерациите не се гради со критика, туку со трпение, искрен разговор и подготвеност да се признае дека секој од нас понекогаш греши.
А можеби првиот чекор е најтешкиот – да се слушнеме, вистински, без одбрана и без осуда.








