Годинава, по трет пат по ред, Факултетот за безбедност успешно ја организираше „Универзитетската трка и фрка“, настан кој веќе прераснува во традиција и станува препознатлив дел од спортските активности на факултетот. Организаторите истакнаа дека основната цел на трката се студентите, покрај теоретските знаења што ги стекнуваат во текот на студиите, да развиваат и практични вештини, како и психофизичка подготвеност која е особено важна за идните професионалци во областа на безбедноста.
Во трката учествуваа професори, студенти и неакадемски кадар од Факултетот за безбедност, како и кандидати за полициски службеници од Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. Околу педесет учесници ја истрчаа патеката долга 2,5 километри, покажувајќи спортски дух, издржливост и тимска посветеност. Од факултетот нагласија дека од година во година интересот за учество расте, што претставува потврда за значењето и успешноста на оваа иницијатива.
Настанот е дел од пошироките активности на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој континуирано вложува во развојот на спортот и здравите животни навики кај студентите. Покрај спортските натпревари во ракомет, фудбал, тенис и пинг-понг, Факултетот за безбедност преку оваа трка го дава својот придонес во афирмацијата на атлетските дисциплини и промоцијата на активниот животен стил.

















Значајна поддршка во организацијата и реализацијата на настанот и оваа година даде Алијансата „Colours“, чија соработка со УКЛО овозможува реализација на бројни активности насочени кон развој на студентите и јакнење на меѓународната соработка. Од Факултетот за безбедност изразија благодарност за поддршката и нагласија дека токму преку ваквите партнерства се создаваат можности за понатамошен развој на Универзитетската трка.
Проф. д-р Марина Малиш Саздовска изрази надеж дека во иднина настанот ќе добие уште поголеми размери и ќе прерасне во интеруниверзитетска, а потоа и во меѓународна спортска манифестација, која ќе обединува студенти, професори и академски заедници од земјата и странство.








