Вчера, во рамките на 45. издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, малите уметници имаа незаборавен ден во магичниот Охрид – бисерот на Македонија и град под заштита на УНЕСКО.
Во прекрасно сончево време, инспирирани од убавината на Охридското Езеро, староградската архитектура, калдрмените улички и богатата традиција, младите таленти од целиот свет твореа со многу љубов и креативност. Посебен впечаток кај нив оставија старите охридски цркви, особено „Света Софија“, како и автентичниот дух на градот, кој стана дел од нивните уметнички дела.
По денот исполнет со цртање, дружење и инспирација, следуваше и свечен дел на настанот. Советничката Билјана Коталеска ја прими Благодарницата наменета за градоначалникот на Охрид, како признание за долгогодишната поддршка и соработка со Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола. Воедно, Коталеска имаше чест да ги додели дипломите за четирите најуспешни цртежи на денот, кои се истакнаа со својата креативност, оригиналност и уметнички израз.























Фото: Саше Богоевски








