Во организација на УСС УКЛО, на 29 април 2026 година се одржа најновото издание на УКЛО ТРИВИУМ, на кое студентите од различни единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги претставија своите ораторски вештини и визии за современото општество.






За најдобар оратор беше прогласена Марија Стојановска од Педагошкиот факултет – Битола. Второто место го освои Иван Петрески од Факултетот за безбедност – Скопје, додека третото место му припадна на Благој Лечковски од Техничкиот факултет – Битола. Одлуката ја донесе жири-комисија во состав: м-р Соња Тантарова-Груевска, главен уредник на УКЛО ФМ, проф. д-р Мимоза Богданоска Јовановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола и проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет – Кичево.

Учесниците настапија со говори по слободен избор, обработувајќи теми блиски до младите, преку кои ги пренесоа своите идеи, ставови и визионерски размислувања. Настанот уште еднаш ја потврди улогата на студентите како активен и влијателен глас во академската заедница и пошироко во општеството.

Ректорот проф. д-р Игор Неделковски истакна дека ораторските вештини, и покрај современите трендови во комуникацијата, остануваат клучни за влијание и јавно изразување, изразувајќи задоволство од зрелоста и квалитетот на настапите. Проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска, при доделувањето на наградите нагласи дека УКЛО ТРИВИУМ претставува простор каде студентите го заземаат своето заслужено место и ги охрабри да продолжат да бидат силен и гласен двигател на промените.

УКЛО ТРИВИУМ е традиционална студентска манифестација која се одржува во рамки на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.







