На денешната прес-конференција беше претставена програмата на 27. Интернационален фестивал на монодрама, кој ќе се одржи од 23 до 29 април во Битола.
Пред присутните се обратија директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, селекторот на фестивалот Благој Мицевски, како и Љупка Коларова Пајевиќ и Љупка Стефановска. За значењето на фестивалот и улогата на жири-комисијата говореше и актерот Кире Ѓоревски, член на жирито.
Свеченото отворање ќе биде со популарната претстава „Менопауза“ на Тијана Дапчевиќ во НУ Центар за култура – Битола, додека фестивалот ќе биде заокружен со претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар, изведена на сцената на Народниот театар – Битола.
Годинашното издание носи 13 монодрамски претстави од 10 држави: Ерменија, Полска, Литванија, Грузија, Киргистан, Шпанија, Казахстан, САД, Израел и Македонија.
Во програмата се вклучени и три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува домашната театарска сцена.
Покрај натпреварувачката програма, ќе се реализира и OFF-програма со ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“, уличен перформанс „Статуи“ на Широк Сокак и тематски работилници.
Со ова издание, фестивалот уште еднаш ја потврдува Битола како значајна театарска дестинација каде се среќаваат различни култури и сценски изрази од целиот свет.










