Филмот „Малдорор” од Фабрис ди Велц, добитник на наградата на Јадранската мрежа на фестивали, доаѓа и во Кино Браќа Манаки.
„Малдорор” е трилер инспириран од вистински настани од Белгија во средината на деведесеттите години. Приказната започнува кога две девојчиња исчезнуваат, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е распореден во тајна единица наречена „Малдорор”, формирана за да следи опасен сексуален престапник. Кога операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие се впушта во самостојна потрага, решен да ги пронајде и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата.
Филмот ја освои наградата на публиката на Јадранската мрежа на фестивали (Adriatic Audience Award), која беше доделена на 31. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград. Целта на наградата е промоција и поголема видливост на европските филмови, а благодарение на оваа награда, филмот ќе се прикажува од 19 март до 9 април во градовите низ регионот на поранешна Југославија – во Белград, Сараево, Херцег Нови, Љубљана, Загреб и во Битола.
Филмот освои најмногу гласови од публиката од сите фестивали членки на Јадранската мрежа, вклучувајќи ги Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филм во Белград, Филмскиот фестивал во Загреб и Фестивалот „Браќа Манаки” во Северна Македонија.
📅 19.03 и 21.03 во Кино Манаки – Битола, со почеток во 19:30 часот.
Влезници по цена од 150 денари може да набавите еден час пред самата проекција.








