Во Битолскиот народен театар на 26 мај премиерно ќе биде изведена претставата „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски, млада режисерска надеж од Битола, за кого ова е дипломска претстава. Театарот, и покрај финансиските предизвици, продолжува со динамичен репертоар и активна продукција.

Директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски, истакна дека ова е четвртата премиера за 2025 година, и единаесетта откако ја презел функцијата пред осум месеци.

„И покрај наследениот милионски долг, театарот работи со полна пареа. До крајот на јуни ќе ја изведеме 87. претстава за годинава, што е речиси израмнување со вкупната бројка на претстави за цела 2024. Очекуваме до крајот на 2025 да достигнеме над 100 изведби и да ја надминеме бројката од 17.688 гледачи, колку што имавме лани“, нагласи Мавровски.

Режисерот Дамјан Димовски, кој веќе го привлече вниманието со својата претстава инспирирана од „Отело“, вели дека му е особено значајно што добил можност дипломската претстава да ја постави во национален театар.
„Текстот на Иљоски е длабоко актуелен. Иако напишан пред еден век, темите за себичноста, недостигот на емпатија и борбата за личен интерес се многу присутни и денес. Сакавме да му дадеме нов визуелен и концептуален јазик, без да го изгубиме духот на оригиналот“, рече Димовски.

Драматургот Билјана Крајчевска посочи дека пристапот кон комедијата е внимателно осмислен, со цел да се направи мост меѓу класичниот текст и современата публика.
„Комедијата е наш одговор на многу сериозни прашања. Истражувавме без да експериментираме, користевме елементи од Иљоски, Шекспир, дури и документарни сегменти. Сакавме претставата да понуди момент на освестување – за децата, за општеството, за иднината“, изјави таа.

Сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев, а костимографијата е дело на Благој Мицевски, кој нагласи дека го инспирирала режисерската визија на Димовски и неговото почитување кон македонската традиција и драма.
„Претставата носи енергија на младоста, но и длабока почит кон корените. Затоа и ние како тим посакавме да бидеме дел од овој процес“, рече Мицевски.

Во актерската екипа се: Живко Борисовски, Марија Стефановска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Сандра Грибовска Илиевска, Елена Моше, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски и Марија Цветановска.
Актерот Живко Борисовски вели:
„Лакомото око и грабливата рака, за жал, се дел и од денешницата. Среќен сум што се враќаме на македонски класици и што театарот повторно се отвора и за најмладата публика“.

Премиерата на „Чорбаџи Теодос“ е закажана за 26 мај во 20 часот во Битолскиот народен театар.








