55. Светски детски ликовен конкурс, кој го организира Министерството за надворешни работи на Јапонија преку Државната фондација за јавен интерес на Јапонија за култура и ликовна едукација, ги објави резултатите за 2025 година.
Наградите во Битола пристигнаа три часа пред свеченото отворање на 44. издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр 2025“ и 43. издание на Светската детска ликовна изложба по конкурсот „Битола 2025“, на кои оваа година учествуваат 18 делегации од 17 држави со 150 учесници.
Н.Е. Сецуко Кавахара, амбасадорка на Јапонија во Македонија, ги додели наградите на ученичките од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, заедно со пропратно писмо од министерот за надворешни работи на Јапонија. Акцент беше ставен на највисоката награда – директно писмо до Леа Стерјев.

„Почитувани, со признание на високиот квалитет и стандард на вашите дела и нивниот придонес кон меѓународните пријателства, вашето учество на 55. Светски детски ликовен конкурс е наградено со специјален медал од Министерството за надворешни работи на Јапонија,“ – напиша министерот Иваја Такеши во писмото до ученичката Стерјев.
Леа Стерјев, со ова највисоко признание меѓу над 100.000 учесници, е наградена за нејзиното дело под наслов „Мојата баба Талија“.

Исто така, на 55. Светски детски ликовен конкурс, со златен медал во своите возрасни категории се наградени и Ана Полизовска (16) и Сирма Спиркоска (17).



Овој конкурс, најстариот светски детски ликовен конкурс, е формиран во 1970 година од страна на Министерството за надворешни работи на Јапонија. Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија е алфа и омега во оценувањето и проценката на ликовниот талент кај младите уметници од целиот свет.
„Учеството на 55. издание на најстариот светски детски ликовен конкурс во Јапонија не е ништо ново за Детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј’ – Битола, кое е редовен учесник на овој конкурс повеќе од 25 години.
Факт е, сепак, дека последните пет години правевме пауза во аплицирањето. Во тој период, светскиот бренд за сликарски материјали Pentel стана генерален покровител на манифестацијата, со што правилата значително се изменија, особено во однос на квалитетот и строгите критериуми на организаторот.
И покрај сѐ, верувајќи во ликовниот талент на нашите ученици, од Министерството за надворешни работи минатата година ги добивме информациите за нашиот успех, со надеж дека времено прекинатата соработка ќе продолжи и во иднина.
Тоа беа супериорни златен, сребрен и бронзен медал за три наши ученици во 2024 година, а оваа 2025 веќе сме на самиот врв.

И тоа не е мал успех ако повториме дека бројот на учесници е над 100.000 млади ликовни уметници од 85 земји и нагласиме дека Детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј’ – Битола учествува за учениците кои 57 години се амбасадори на Битола во светот, со посебен акцент на Јапонија,“ – истакнаа Елена Хаџи-Антоновска и Славчо Неделковски од студиото.








