На 16 октомври 2022 година еден од стожерните просветители во македонската книжевност, игуменот Кирил Пејчиновиќ –Тетоец беше канонизиран за светител. 25 март е посветен токму на Светиот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки.
Неговата љубов кон Христа ја докажа со својот начин на живот преку неговите ракописи кои не се само беседи за здрав земски живот, туку и проповеди за како човекот да ја сочува чистотата во животот.

Ракопис „Слово за празниците“ е уникатно дело на Пејчиновиќ, напишано на тетовски говор, всушност претставува беседа како треба христијаните правилно да ги празнуваат празниците.


Благодарение на капитализмот и западниот пропаганден консумеризам, човекот секој миг е сѐ подалеку од својата суштина. За разлика од минатото, сега на социјалните мрежи гледаме извонредни празнични декорации, полни трпези, но најмногу недостига споделување, љубов. Попусто е сѐ, ако едно четиричлено или шестчлено семејство не може да се собере на празничната трпеза и да се радуваат во семејното дружење.

„Ако сакаш да ти се фати што го служиш, што го молиш, слушај да ти кажем како да чиниш. Спроти ден отиди у црква, узми свеќа, темјан и масло за кандилата, запали и помоли му се Богу со молитвата от светецот што го служиш, со негоата молитва да ти прости. Ама ти да простиш свакому кои што ти досади, иди прости се со него, зере и Бог не ти проштаа; ако служиш светца, – и светецот нема што да чинит от када имаш лошо срдце. И опрости се и помоли се за себе и за него, пак дојди дома, помисли имаш ли некој преател или непреател, има ли некои хапс, има ли неко болен, има ли некои гол, има ли некои гладен, и иди види га, отнеси му или заире, или дрва, или штогод, и речи му: „На ти брате за утрешен, или денешен, за негоо имја“. И вечерта седни вечерај мирно, не пој песни раскошни, не седи до полноќ, легни порано стани порано, узми просфора и свеќа, иди у црква на славословие и на божественаја служба, сиреч на литурѓија, и дури седиш у црква не мисли за на дрва, за дома или за трговина, баш и некоја наволја ако имаш, пак да не мислиш и за њу, токо оставија на Господа, и Господ похубаво ќе ти ја расправи от тебе, ти ништо не можеш без Бога. Пак у јутру ашче излезеш от црква, сиромаси просјаци што са пред црковна врата дади им по нешто мало на свакого милостиња, ќи Бог и тебе да те помилува, зашто така вели Христос: „Кој дава ним, мене дава, и ја ќе му вратим отвише и на овој свет и на второ пришествие мое во царство небесное.“
Роден во с. Теарце во 1771 година. Заедно со татко му Пејчин, и со стрико му Далмат замина на Света Гора, во манастирот Хиландар. Таму Кирил се истакнуваше со својот подвиг и послушание, бивајќи неуморен во постот и молитвите. По извесно време беше замонашен и ракоположен во свештенички чин, а Божествената литургија ја служеше со особена љубов. По Божја промисла и со благослов, заради проповед на Евангелието во својот роден крај, кој поради тогашните прилики во Отоманската империја беше недоволно духовно просветлен, го напушти Хиландар и се насели во манастирот на Св. Димитриј Солунски, наречен „Марков манастир“, во близината на Скопје. Тука стана игумен, неуморен во подвизите, постот, молитвата, препишувањето на стари ракописи, средувањето на манастирската библиотека и во проповедањето меѓу христијаните по околните села. Тука го напиша своето сочинение „Огледало“. Потоа повторно се врати на Светата Гора Атонска, а по извесно време оттаму дојде и се насели во Лешочкиот манастир. Таму го напиша своето второ дело „Утешение грешним“, имајќи ја на ум Пресветат Богородица која ја сметаше за утеха на грешниците. Го обнови монашкото братство и монашкиот поредок. Многу чудесни исцеленија се случија по неговите свети молитви. Во 1835 година, поради нарушеното здравје и желбата за молитвено тихување се повлече од игуменската должност. Се упокои мирно во 1845 година.









