Во фоајето на Центарот за култура – Битола денес се одржа прес-конференција по повод претстојното 17. издание на Фестивалот на музика од светот.
На пресот се обратија директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кои ги презентираа деталите за програмата, концептот и значењето на фестивалот за Битола и пошироко.

Од името на институцијата беше упатена голема благодарност до Министерството за култура и туризам на Република Македонија за финансиската поддршка во рамките на годишната програма, како и до Општина Битола за континуираната логистичка поддршка.
Илковски истакна дека фестивалот веќе седумнаесет години ја претвора Битола во точка на културна поврзаност и уметничка инспирација.
„Ова не е само фестивал — ова е средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно чувство: музиката како универзален јазик на човештвото,“ нагласи Илковски.

Годинашното издание се одржува под мотото „Уметноста на звукот“, кое го истражува просторот меѓу тишината и вибрацијата, традицијата и современото музичко изразување. Фестивалот и оваа година останува верен на својата мисија — да негува меѓукултурен дијалог и да овозможува нови уметнички средби.
Силна порака испрати и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кој се заблагодари за огромниот интерес на публиката и потврди дека нивниот концерт е целосно распродаден. Како што рече, тоа е голема чест и мотив за уште посилна творечка работа.

Трајковски најави дека нивниот настап ќе понуди внимателно избран репертоар составен претежно од македонска музика, дополнет со дел од турскиот репертоар на Гамзе, обработен во специјални аранжмани подготвени ексклузивно за оваа вечер.
ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА
27.11 – Фонтана & Gamze Matraci
Фестивалот започнува со настапот на битолската група Фонтана, која 25 години остава печат на македонската и балканската сцена преку спој на традиционална музика со рок, метал, фанк и фјужн елементи.
Заедно со нив настапува Gamze Matraci, пејачка родена во Измир со корени од Велес, позната по својот широк репертоар што ги спојува турската, македонската, ромската, албанската, босанската, грчката и српската традиција.
28.11 – Тања Царовска & Камерен оркестар Битола
Познатата македонска вокалистка Тања Царовска, со глобална кариера и учество во бројни филмски и театарски продукции, ќе настапи заедно со Камерниот оркестар Битола во музичко патување низ различни култури и континенти.
29.11 – Balkan Zoo & Нина Чориќ
Balkan Zoo, состав на басистот и композитор Марио Рашиќ, 13 години ја претвора балканската музика во современ world music звук.
Заедно со вокалистката Нина Чориќ, со која ги објавија албумите Recycle и Muzika za ples, ќе ја донесат својата препознатлива прогресивна енергија на фестивалската сцена.
30.11 – Koza Mostra (Грција)
Меѓународно познатата група Koza Mostra, позната по својот енергичен спој на традиција, рок, ска и метал, ќе настапи во Битола веднаш по нивниот настап на Polandrock — еден од најголемите европски фестивали.
01.12 – Gamazda: Piano Rewind
Виртуозната пијанистка Gamazda (Александра Кузнецова), позната по нејзините преобразби на рок и метал класици во пијано аранжмани, ќе донесе спектакл со музика од 80-тите до 2000-тите.
OFF ПРОГРАМА
29.11 – Јован Милошевски (18:00, КИЦ Битола)
Битолчанецот Јован Милошевски, кој доаѓа од Шпанија, ќе се претстави со концертот „Мајчин јазик“ — програма составена од македонски и балкански песни изведени на класична гитара.
30.11 – The Doors Tribute by Eruption (22:00, Repeat Café)
Македонската рок група Eruption ќе одржи специјален Tribute to The Doors, посветен на легендарниот американски бенд.








