Имињата Антаниа и Антани, се среќаваат во три извори.
1. Писмо од Дирахиј до Хераклеја
Класичниот филолог, д-р Весна Калпаковска проучувајќи еден натпис врз камена плоча, што претставува писмо на еден римски магистрат од градот Дирахиј, некаде во 2. век н.е., до граѓаните на Хераклеја, заедно со Ѓорѓиевска Аница, го публикувале следниот превод: „ … (Едните) нека прават литургија, другите што имаат стекнато (имот), да бидат одговорни во правењето на доделените литургии. А дека треба некако да бидат поправени патиштата, јас обзнанив со општа наредба. Заповедам да ви се придружат Антаните, во трошоците да принесат третина. А приносот да биде од Антаните колку што има Антани во Македонија. Поздрав од Дирахиј, 20 мај“.
2. Камена икона од Стоби
Класичниот филолог Славица Бабамова, проучувајќи една впечатлива камена икона од Стоби (Сл. 3), во 2012 година го публикуваше најкомплетниот опис, превод и интерпретација. На плочата голема 35х34х05 сантиметри, во релјеф биле претставени богот Дионис со тениа во косата, во придружба на Сатир со стап, Пан, менада со стап (Дионисовиот тирз?) и мала фигура на брадест маж. Во полето под оваа група фигури бил врежан натписот: „Демоните на Антаните“.
3. Градот Антаниа во списокот градови на географот Хиерокле
Во својот список, во рамките на доцноантичката провинција Македонија А (Македонија Прва), од околу 535 година н.е., византискиот географ Хиерокле ги забележал следните градови: „Тесалоника (главен град), Пела, Европ, Дион, Бероја, Еордаја, Едеса, Кела, Алмопиа, Лариса, Хераклеја во Линкестида, Антаниа, Геминд, Никеја, Добер, Идомене, Брагил, Примана, Партикополис, Хераклеја на Стримон, Сера, Филипи, Амфипол, Неапол, Акант, Берге, Арал …“. Хиерокле исто така ги забележал и градовите во провинцијата Македонија Б (Македонија Втора): „Стоби (главен град), Арг, Астрајон, Пелагонија, Баргала, Келенидион, Армонија, Запара, …“
Антаниа, Зовичка Тумба/Град Чебрен или Маркови Кули/Градок?
Очигледно е дека Антаните со нивниот град Антаниа се наоѓале во близина на Хераклеја во Линкестида. Тоа го сугерира на пример Хиерокле, кога ги наведува двата града еден покрај друг. Камената икона од Стоби го посочува правецот на кој, од Хераклеја кон Стоби, се наоѓал овој град. Помеѓу Хераклеја и Стоби во антиката биле активни две патни магистрали. Патот познат како Дијагонален пат, чијашто траса и попатните места биле забележани во 4 век н.е. се наоѓаат на т.н. Појтингерова Карта (Heraclea-XI-Ceranus-XXIV-Euristo-XII-Stopis). Како што се гледа во оваа карта не е вметнат градот Стибера, меѓутоа веројатно и разбирливо ако се знае дека овој град немал градски карактер во 4. Век н.е. На Појтингеровата карта не е забележано името Антаниа.
Вториот пат – Еригонскиот Пат, го забележал Аријан. Во неговата историја (поход / војување) Анабаза, Аријан запишал: „А пак Александар се упати кон градот Пелиј, со марш покрај реката Еригон“. Оваа реченица и покрај тоа што е сосема куса, недвосмислено посочува на патување покрај реката Еригон (Црна Река). Во меѓувреме областа на Мариово беше истражувана од повеќе археолози, така што се појави поинаква слика, на регион исполнет со голем број антички населби, утврдувања, некрополи, 14 остатоци од древниот Еригонски магистрален пат, на кој се надоврзуваа неколку споредни – но значајни патишта, како и три позначајни градски центри, од кои, едниот, сосема на западниот мариовски раб, на доминантниот врв Висока (1472 м) на Селечка Планина, според својата површина, местоположба и квалитет на недвижните и движните археолошки наоди, најверојатно била акрополата на истоимениот градски центар на античкото кралство Пелагонија. Помеѓу големиот број археолошки локалитети сепак се издвоија остатоците од два градски центри. Да ги разгледаме нивните основни карактеристики.
Логично би било да се размислува дека Дионис со Сатир, Пан и менадата, како судбински душеводители, снабдени со натприродни сили, биле почитувани од населението долж Еригонскиот пат низ Мариово. Самото име на Еригон, во значение на онаа која надоаѓа, грми, бучи, нараснува, надојдува, очигледно ни ја презентира природата на Црна Река која на моменти дивее надојдува и урива се пред себе. Очигледен доказ се на пример, најмалку дваесетината урнати мостови, само од Рапешки мост до Гуѓаково, од кои повеќето се антички, денес потопени во речните води, но при низок водостој и бистри води јасно се распознаваат нивните градежни маси. Очигледно е дека Градот Антаниа и народот Антани се наоѓале токму во областа на Мариово.
Речните корита – долини биле користени во најстарите епохи како патни комуникации. Требаше да минат векови и векови, за велот врз мистериозната прастара патна магистрала долж долината на Еригон низ Мариово да започнеме да го креваме. На својот 207 километарски пат, од изворот кај селото Железнец во Демир Хисар до устието, Црна Река (Еригон), најголемата притока на моќниот Вардар (Аксиј), најзагадочните километри ги минува низ ридестиот и планински регион Мариово. Меѓутоа, поради тешко пристапните предели, Мариово долго време не беше познато од археолошки аспект. Недостатокот на сознанијата особено за локалитетите најнепосредно околу речното корито, доведоа во еден момент, до помислата дека долж Црна Река во минатото никогаш не минувал некој позначаен пат. Имено малкуте познати антички локалитети во долината на Црна Река, во тоа време („Стари Лозја, Рапеш; Градиште, Чебрен; Градок, Чаништa, Градишка Чука, Гудјаково“), го наведоа И. Микулчиќ на помислата дека истите биле оформувани исклучиво на места за премини преку реката со цел изнесување, транспорт на рудите од пределите на рудоносната планина Кожув, кон рамнините на Пелагонија и Пајонија.
Целосниот текст е објавен во 17 Зборник на Трудови на Пелагонските културно-научни средби (2022) кои се одржуваат во Општина Новаци. Автори на текстот се Виктор Лилчиќ Адамс, Антонио Јакимовски, Горан Тренески. Без соодветно одобрение не смее да биде преземен ни дел ни цитатот од текстот, подлежи на авторски права.