Пишува: Маја Богоевска
Слушаме од различни страни за прогласени успешни луѓе кои во некои од нас побудуваат чувство на недоумица и сомневање во сопствените критериуми за успех.
Но што е успех во денешно време? И кои се критериумите? Можеби се оние во кои кои веруваме дека доведуваат до резултат после сѐ она што сме го стекнале како морална вредност во животот или пак… ќе се водиме според критериумите кои ни ги наметнува виртуелниот свет, претежно на социјалните мрежи?
Седнете за момент и запрашајте се – што е за Вас успех?
Вратете се многу години наназад и сетете се на моментот за кој сте сонувале. И? Сте се обиделе ли да го реализирате својот сон?
Или пак сте потпаднале под влијание на сегашното безредие по интернетов каде секој и сешто се наметнува како експерт, стручњак, професор, магистар, инфлуенсер, новинар, водител, забавувач, кловн или што и да е, и тие лица на еден многу успешен манипулативен начин одредуваат и наметнуваат кој е успешен во животот или не.
Реално, тие успеале во својата намера и се успешни во тоа. Влијаеле на јавното мнение и на пошироката маса. Еден банален пример: Нема доволно лајкови на постовите и не е успешен. Имал само 10 лајкови на објавата.
Ајде сега малку во реалниот живот. Одите денес на работа и во канцеларија 10 колеги ви велат дека презентацијата ви била одлична. Како ќе се чувствувате?
Направете споредба на овие две ситуации и вашите чувства во тие моменти.
Свесни сме дека светот многу поинаку функционира последната декада и дека цел живот е префрлен во виртуелниот свет (кој е лажен btw). Но, не дозволувајте лажните вредности кои таму виреат да ви влијаат врз Вашиот вистински живот.
Да, самото општество отсекогаш одредувало кој е успешен или не, но и малку интернетот и социјалните мрежи поттикнаа чувство кај сите дека мора да се први и признати во нешто, па затоа таа желба кај сите да бидат успешни. Но, какви успешни? Во што? Во што и да е.
Гледаме по социјални мрежи и се споредуваме, крадеме идеи, се натпреваруваме, им копаме дупки на другите, ставаме сопки, лажеме, манипулираме…
Жалосно е што дојде време кога исфрустрирани личности го користат ова моќно оружје на денешницата и влијаат врз луѓе кои прекинале да го користат сопствениот мозок затоа што сé им е сервирано на готово.
Присутноста на одредени личности во јавниот простор не значи дека тие треба да ги сметаме за успешни. Едноставно, тие се луѓе кои не можат да живеат, а да не се во центарот на вниманието, зашто за нив тоа значи дека се успешни.
На пример, за мојата маленкост успех е кога сам си задоволен од она што си го постигнал во животот без да се споредуваш со некој друг. Затоа што секој од нас поминува различен пат до онаму до каде што стигнал. Секој мора да има различна цел, секој треба да е свесен до кое скалило и на кој начин може да стигне дотаму.
За некој е успех кога ќе го огрее сонцето наутро секој нареден ден. За некој пак е успех што конечно има покрив на главата. За некој е успех што конечно има семејство, а за друг е најголем успех што нема повеќе да ги гледа болничките врати.
За некој е успех пак, да ја достигне зацртаната сума, без разлика на средствата кои ги користи. За друг, да го уништи конкурентот на секој можен начин зашто друг начин не постои за успех освен да се елимира другиот. За жал.
Не знам дали сте свесни, но за некој е успех што преживеал страшен турбулентен период од животот. А најголем успех е за оние кои ја победиле болеста со која се бореле. Овие успеси не ги потценувајте никогаш.
Колку е поголема борбата, толку е поголем успехот.
Затоа, мерилото за успех е различно кај секој. МОРА да биде различно за секој. Со унифицирани критериуми за тоа што значи да си успешен во животот се нарушува разноликоста меѓу луѓето, се губи волјата за комуникација, се губи волјата за меѓусебно разбирање и здрава дискусија. Секој мора да има сопствена проекција за сопствениот успех во животот и не смее да биде жртва на морални насилници кои го омаловажуваат секое Ваше достигнување кое е од големо значење за Вас.
И ќе завршам со мојата најомилена фраза која, да, сум ја прочитала некаде низ социјалните мрежи:
И КОКОШКА ДА ИМА 600 ЛАЈКОВИ ЌЕ МИСЛИ ДЕКА Е ЛЕБЕД.
Сé е кажано.








