Европската асоцијација за астрономско образование European Association for Astronomy Education (EAAE), во соработка со European Southern Observatory (ESO), од 2009 година го реализира детскиот ликовен конкурс „Визија за убавината на универзумот“. Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола оваа 2026 година по вторпат учествуваше со дела на 12 свои членови.

„Со оваа образовна асоцијација се запознавме при службена посета на Брисел во 2025 година. Преку низа средби стапивме во контакт и со директорката на EAAE, Едерлинда Вињуалес, која ни го посочи конкурсот. Со наградите и дипломите добивме и поздравно писмо во кое се заблагодарува за учеството и довербата“, истакна Славчо Неделковски од ДЛС.

Во писмото, од EAAE нагласуваат дека се задоволни од сè поголемиот интерес и учество на натпреварот Space Art, кој од година во година обединува сè повеќе земји и млади автори.
„Драги колеги, драги студенти, jас, како претседател на EAAE, сакам да ви се заблагодарам за вашето учество на натпреварот EAAE Space Art 2O26, како и за довербата и признанието што ни го покажувате со испраќањето на вашите дела. Сите членови на EAAE кои континуирано работат за оваа научна установа на еден или друг проект, како и членовите на Извршниот совет, се многу задоволни од приемот и учеството што го има натпреварот Space Art година по година, бидејќи ни покажува колку дела се примени и колку земји учеснички. Ви благодариме уште еднаш. Се надеваме само дека нема да ве разочараме со нашата работа и се надеваме дека ќе продолжиме да сметаме на вашето учество и помош во иднина. Од наша страна, ние ќе продолжиме да работиме најдобро што е можно. Од друга страна, би сакал да ви кажам дека доколку ви е потребна наша помош за која било тема поврзана со астрономијата, ви стоиме на располагање.”
ДЛС „Св. Кирил и Методиј“ – Битола беше единствен претставник од Македонија, заедно со учесници од Бугарија, Грција, Унгарија, Индија, Италија, Казахстан, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Романија, Турција и Украина.
Според официјалниот билтен на EAAE и ESO, од 12-те испратени цртежи, со дипломи за извонреден ликовен талент се наградени: Ана Јосифовска, Анабела Јовчевска, Бојана Стефановска, Давид Атанасовски и Фросина Полизовска.



Најголемиот успех го постигна Ана Полизовска, која освои златен медал – прво место во третата категорија (15–18 години), за своето дело „Илузија“.
„Минатата година имавме 18 награди и признанија и една почесна награда за Сирма Спиркоска додека оваа веќе сме на првото место во една од трите возрасни категории што самото по себе говори дека напредуваме – се подобруваме и го разбираме концептот на конкурсот затоа што Европска асоцијација за астрономско образование [ EAAE ] редовно организира и друг ликовен фестивал насловен како “Допри ѕвезда” за кој учесниците – учениците треба покомплексно да се запознаат со темата на вселената како и серија ликовни работилници со акцент на едукативниот и ликовниот сегмент, а ние веќе работиме на учество во 2027 година“, додаде Неделковски.








