Репрезентативките на Македонија во спортски танц во категоријата JUNIOR 2 и дисциплината Choreographic Latin го освоија највисокото место во финалето на Европското Првенство, кое се одржа на 04.10.2024 во Белград.
Радост, среќа, возбуда и солзи радосници за време на интонирањето на македонската химна во Центарот за спортови „Ранко Жеравица“. Со високо подигнат пехар и златни медали на градите битолчанките Ана Талевска, Анастазија Петковска, Антонија Гајтановска, Бојана Бејковска, Вања Атлагиќ, Јована Крајческа, Катја Козарова, Меланија Паневска и Никита Ангеловски го донесоа првото злато од Европските Првенства за Македонија во спортски танци.
Делот од репрезентацијата на Македонија во спортски танц во категоријата возрасни и дисциплината Choreographic Latin го освоија второто место во финалето и се закитија со сребрен медал.
Пред нив беше само тимот на Унгарија. Во многу тешка конкуренција и изедначен квалитет на подиумот се надминаа себеси и беа подобри од актуелните Светски шампиони од Шпанија и третопласираните на светско ниво – тимот од Германија.
Особена чест претставуваа пофалните зборови и честитки од страна на конкурентните тимови кои упатија покана за учество на престижни квалитетни натпревари на Светско ниво. Зорица Симјановска, Maja Крстевска, Мила Димовска, Софија Богевска и Тамара Панова ја донесоа радоста оваа година и со Европско сребро.
Двата тима беа предводени од нивниот долгогодишен тренер Јагода Димовска.
Овие девојки започнаа да пишуваат ново поглавје на македонскиот спорт.
Им посакуваме и светска шампионска титула во иднина!