Од 19 до 24 авуст 2024 година беа одржани натпреварите во 6 спортски дисциплини на првата „Мини олимпијада на Црвен крст Битола“. Собраните средства од олимпијадата ќе бидат наменети за Клиничка болница Битола.
На 19.08.2024 на терените во ОУ „Елпида Караманди“ се одржа турнирот во фудбал на кој учество зедоа 16 екипи со вкупно 80 учесници.
На ден 20.08.2024 година во спортската сала Павел Шатев беа одиграни натпреварите од турнирот во ракомет со вкупно 10 екипи и 80 учесници. Трета спортска дисциплина во рамките на првата „Мини олимпијада“ беа турнирите во 3х3 Баскет, кои се одиграа во спортската сала при средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, вкупно учествуваа околу 100 учесници распоредени во 21 екипа.
На пливачкиот натпревар што се одржа на 22.08.2024 год. на Олимпискиот Базен во Битола учесниците беа распоредени во машка и женска категорија, пливањето беше организирано како натпревар во дисциплина „краул“, а натпреварувачите имаа можност да ги покажат своите способности на растојание од 50 метри. Последните два дена беа посветени на турнирот во Одбојка на кој повторно учествуваа мешани екипи од машки и женски натпреварувачи. Вкупно беа присутни 90 натпреварувачи распоредени по 13 екипи.
„Посебно ја користам оваа прилика од името на ОО ЦК Битола да изразам благодарност на Општинската организација на Црвен крст Центар, кои не поддржаа во оваа наша активност и во целокупниот настан со испраќање на екипа за да учествува на турнирот во Одбојка“, вели Кристијан Крстески – Координатор на млади во Црвен крст Битола.
24.08.2024 или самото затворање на Олимпијадата се посвети и на трката во 700 метри по Широк Сокак, распоредени во три категории : најмалите учесници, машка и женска категорија. По главната улица во Битола со почеток во 19:30 можеа да се забележат 54 натпреварувачи.
„ОО Црвен Крст – Битола ги постави стандардите на хуманоста во Битола. До наредната олимпијада, која ќе се одржи за две години, се надеваме дека духот кој го раширија нашите волонтери ќе се издигне повисоко, за да можеме да направиме уште помоќна, уште похумана олимпијада“, порачуваат од Црвен Крст Битола.
Фотограф: Саше Богоевски