Со свечен концерт со лауреатите од минатогодишниот Пијанофест, се отвори годинешното 6. издание на меѓународниот натпревар “ПИЈАНОФЕСТ 2024”. Концертот се одржа во свечената сала на.Офицерскиот дом во Битола каде музичката магија ја пренесоа: Јана Блажевска – Соло Пеење ( Македонија) и Јурен Алиа – Пијано ( Албанија).
Пијанофест е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО од Битола, а се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Oпштина Битола. Овој натпревар е во соработка со Културно Информативниот центар – Битола.
Јана Блажевска е извонреден млад талент, учесник и лауреат на бројни државни и меѓународни натпревари. Таа веќе седум години е посветена на класичната музика и оперското пеење. Своето музичко образование го започнува во 2017 година во класата на проф. м-р Маја Митровска во Државно музичко училиште – Битола. Освен двата солистички концерти, таа соработувала со повеќе културни здруженија, настапувала на престижни настани во Битола, Демир Хисар и Скопје како специјален гостин. Јана пее на десет светски јазици а има одлични познавања од француски, англиски, германски, корејски јазик, како и познавања од италијански и руски јазик. Во 2023 година настапува како солист со Македонската Филхармонија. После успешниот приемен испит во Австрија, е примена на реномираниот музички универзитет во Виена, каде ќе го продолжи своето музичко образование, ќе го усовршува својот глас и знаење со голема желба да придонесе во светот на класичната музика. Заедно со уметничкиот пијано соработник Проф. Доминика Робе Поповска, се претстави со дела од Бах, Чајковски, Делибес и Биксио.
Јурген Алија е роден 2005 година во Тирана, Албанија. Започнал да свири пијано на 6-годишна возраст во Музичкото училиште во Тирана „Liceu Artistik Jordan Misja“. Неговата желба за да ја продлабочи конекцијата со звукот и пијаното, со текот на времето се повеќе растела, за на крај да кулминира со одлуката тој да го продолжи своето музичко образование во оваа насока. Јурген учествувал и освоил многу награди на домашни и меѓународни натпревари. Во 2023 година ги започнал студиите на конзерваториумот “Џузепе Тартини” во Трст, во класата на професорката Тереза Тревисан. Своето музичко образование тој редовно го усовршува на мастеркласи со реномирани професори од регионот и странство. Со делата од Бетовен, Рахмањинов, Скрјабин, Лист и Прокофјев, овој млад талент направи оваа вечер да биде посебна со многу уживање и задоволство.
Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година. Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019та година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото “Пијанофест семејство” се повеќе расте.
Оваа година има околу 150 учесници кои ќе се натпреваруваат во дисциплините пијано соло, соло пеење, а оваа година за прв пат и во дисциплината камерна музика. Меѓународна жири комисија оваа година е составена од: за дисциплината пијано Бојана Родиќ (Србија), Елена Ѓоргиева (Македонија) и Милица Лоренс ( Малта ). Во дисциплината соло пеење: Македонка Митреска (Македонија), Иванка Нинова ( Бугарија ), Маја Митровска (Македонија). И во дисциплината камерна музика : Милица Лоренс ( Малта ), Вангел Мажевски ( Македонија ), Иванка Нинова ( Бугарија ). Следниве 2 дена, на 8 и 9 јуни, во КИЦ, Офицерскиот дом продолжува натпреварот Пијанофест 2024, а за најдобрите следуваат вредни награди.