Утре, 7 јули по 5 пат во Битола ќе се одржи Џез Фактори Фестивал, кој оваа година е во рамките на Бит Фест. Партнер како и секој година на фестивалот е НУ Народен Театар Битола.
„И покрај тешките времиња кои не најдоа, Сашо успева да донесе одлична програма секоја година. Ние ќе се трудиме со што повеќе ресури да влеземе во оваа приказна“, рече Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар Битола.
Изминативе години, кога неколку фестивали ги откажаа своите издание, Џез Фактори Фестивал одржа одлични изданија со интернационални гости и покрај пандемијата.
„Во таа наша долгорочна визија за фестивалот која ја имавме предвидовме за 5 години фестивалот да го надмине регионалниот карактер и да ги надмине границите на Балканот. А оваа година во тоа успеавме“, истакна Сашо Поповски, директор на фестивалот.
Фестивалот започнува утре со настапот на Фишерманс оркестра од Швајцарија во 20 часот во Народниот театар Битола. Во сабота, на последниот ден од фестивалот, ќе биде доделена и наградата за најдобар млад џез музичар „Гоце Димитровски“ на Александар Бошков.