Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола и во време на огромни подготовки за претстојното 42. издание на светската детска ликовна изложба по конкурс “Битола” и 43. издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр” брои нови награди.
Овој пат тоа се три први места и огромно признание за ликовниот талент на 2 ученички од 52. издание на светската детска изложба на ликовни уметности “ICEFA Lidice” 2О24 година од Чешка која е во ко-организација со Министерството за надворешни работи и Министерството за образование на Република Чешка.
„Конкурсот “ICEFA Lidice” ако се земе во предвид неговото опстојување нешто над половина век е посебен и по пристапот на ко-организаторите со што наградените ученици – учесници наградите ги примаат во своите земји од амбасадорот на Република Чешка на посебна церемонија која има посебен педагошки ефект кон перцепцијата колку наградениот талент на младиот ликовен уметник е вреднуван но и кое е нивото на почит со кое треба да се обраќаме кон него.
На “ICEFA Lidice” пративме 3О цртежи од 2О ученици од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола кои работеа на зададената тема под наслов “Караван” со нашиот координатор за ликовни активности и штотуку ги добивме резултатите.
На конкурсот за 52. издание пристигнале 12.946 цртежи од приватни и државни школи од 81 земја од кои по опсежната работа со дипломи наградени се 1.282 ликовни дела додека 1.343 уметници добија Пофалници, а само 175 се здобиле со медал за прикажан посебен ликовен пристап во творечкиот сегмент.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола е посебно гордо што меѓу 175 наградени се и нашите ученички Стерјев Леа и Полизовска Ана од кои Стерјев е добитник дури на 2 награди за 2 засебни цртежи што е огромна реткост на овој настан. И тоа не прави посебно горди.” – истакна Славчо Неделковски – претседател на УО при Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола.
Наградите согласно организаторите и Министерството за надворешни работи како и амбасадата на Република Чешка во Македонија ќе се доделат по 31 мај 2О24 година, а главната манифестација насловена како “Rose of Lidice” ќе се одржи на 3О мај 2О24 година во Прага.
Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола на конкурсот “ICEFA Lidice” учествува 20 години од кои 10 пати амбасадорите на Република Чешка биле гости во Битола кога им ги доделувале наградите на членовите од организацијата.