Кога Димитар Митревски од Битола додека беше студент се соочи со проблемот при барање пракса која беше задолжителна на неговиот факултет, дојде на идеја да се обиде да го реши тој проблем. Тоа го направи со создавањето на Бинтерн – прва платформа во Македонија која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување. Како поранешен фудбалер, Димитар вели дека научил дека не треба да се откажуваш и дека упорноста се исплаќа, па затоа воден од тоа мото, ја креираше оваа платформа преку која од лансирањето на новата верзија кариера започнале над 60 лица.

bintern 3

Читај бе: Димитар, најнапред кажи ни нешто за тебе…

Димитар: Најпрво ви благодарам за можноста да се претставиме пред вашите читатели. Знаете многу ни значи поддршката и верувам дека со споделување на позитивни примери во нашето општество ќе се променат работите на подобро. Јас сум Димитар Митревски, поранешен фудбалер во младинската школа на ФК Пелистер, на 18 години се одлучив да ја променам кариерата и се запишав на Факултетот за Информатички и Комуникациски Технологии во Битола. Во фудбалот научив дека не треба да се откажуваш и дека секогаш упорноста се исплаќа, така јас решив да направам нешто за проблемот со кој се соочив при студирањето и ја започнав компанијата Бинтерн.

bintern 6

Читај бе: Што претставува Бинтерн?

Димитар: Бинтерн (bintern.com) претставува првата македонска дигитална платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и работа. Името Bintern преставува биди практикант (Be intern), и тоа е нашата мисија да им овозможиме на младите луѓе едноставен начин на започнување на кариерата преку пракса.

bintern 7

Читај бе: Како дојде до идејата за една ваква платформа? Што те мотивираше?

Димитар: До идејата дојдов на начин кога се соочив со проблем при барање на пракса која пак беше задолжителна на мојот факултет. Сфатив дека и моите колеги го имаат истиот проблем, односно не постои централно место каде што студентите можат да се информираат за огласи за пракса и како да аплицираат на истите, односно што е потребно да ја започнеш кариерата.

Она што ме мотивираше е предизвикот да се реши нешто односно да се помогне на другите, а не да се бега од проблемот. Гледам дека нашето општество има многу проблеми, но за среќа има решение, така што јас на тоа не гледам негативно, напротив гледам позитивно, бидејќи тоа е можност некој од нас да ги реши тие проблеми. Така што ги охрабрувам сите да гледаат на проблемите како можност за напредок и подобрување, а не како ограничување.

bintern 5

Читај бе: На кој принцип работи оваа платформа и која е целта која треба да ја постигне?

Димитар: Платформата bintern.com работи на начин што им овозможуваме на студентите и дипломците да се поврзат со компаниите, така што студентите и дипломците си креираат свои профили на платформата ги поставуваат своите релевантни информации и CV-ја. Од другата страна си креираат свој профил и компаниите и објавуваат огласи за пракса и работа и имаат можност за директна интеракција со кандидатите преку испраќање на пораки, покани на оглас и слично.

Целта кон која се стреми нашата платформа е овозможување и унапредување на директната комуникација помеѓу Компаниите и Кандидатите.

Читај бе: Што е постигнато, направено откако функционира Бинтерн? Дали си задоволен?

Димитар: До денес на bintern.com се имаат регистрирано околу 3800 кандидати (студенти и дипломци) и над 220 компании кои се во потрага по млади кадри кои имаат објавено околу 250 огласи. Откако ја лансиравме новата верзија на платформата во април 2021 година до декември 2021 година, својата кариера преку bintern.com ја започнаа над 60 луѓе.

bintern 4

Читај бе: Колкава е заинтересираноста кај студентите, а колкава кај компаниите?

Димитар: Заинтересираноста кај студентите е голема, тие се желни за работи и вреди да им се даде шанса за професионално да се изградат и кога ќе дипломираат да бидат веќе спремен продукт на пазарот на трудот.

Што се однесува до компаниите, сметам дека треба малку посуштински да размислат за тоа како го градат кругот на вработени. Имаме дел компании кои успешно работат со практиканти односно имаат практикантски програми преку кои си создаваат вработени. За останатите компании им порачувам дека треба уште веднаш да започнат со примање на практиканти бидејќи на тој начин тие влијаат врз намалување на невработеноста особено кај младите лица.

Во оваа прилика би ги поканил и студентите и компаниите да ја разгледаат платформата https://bintern.com

Читај бе: Кој е бенефитот за студентите, а кој за компаниите доколку се дел од платформата?

Димитар: Бенефитот за студентите е тоа што тие имаат централно место за добивање на информации и огласи за практикантска работа и започнување на кариера. Ние како платформа се трудиме да им понудиме на студентите на различни начини поврзување со компаниите како преку платформата така и преку настани кои ги организираме периодично. Еден таков настан кој го организиравме скоро беше Виртуелниот саем за практикантство кој се одржа од 16-ти до 18-ти мај 2022 година.

Читај бе: Покрај Бинтерн лансираше и уште една новина за хонорарна работа. Кажи ни нешто повеќе за тој проект?

bintern

Димитар: Honorarnarabota.com претставува платформа која ги поврзува луѓето кои бараат начин за дополнителен приход со лицата (правни или физички) кои имаат потреба од дополнителна работна сила.  Повеќе информации можете да пронајдете на https://honorarnarabota.com

Читај бе: Дали сметаш дека овие платформи се идеалниот начин за да се пресретнат интересите и на барателите на работа и на компаниите?

Димитар: На некој начин да, бидејќи се подобрува ефикасноста на целиот процес. Се олеснува аплицирањето преку еден клик, се забрзува пристигнувањето на апликации и прегледот на истите. Секако дека има уште простор за работа и подобрување на алатките со цел зголемување на вредноста која ја добиваат и работобарателите и компаниите.

    meblo trejd mialnici

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

    Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

    Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

    15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

    Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

    Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

    Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

    Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…