Има само 7 години, а веќе зад себе има настапи на меѓународни фестивали, награди, телевизиски појавувања и соработки со познати музички имиња. Матеј Здравковски од Битола, ученик во ОУ „Даме Груев“, е вистинска музичка сензација на тапан. Поддржан од своите родители, наставници и ансамблот „Гоце Делчев“, тој чекори низ светот на музиката со неверојатна зрелост и ентузијазам. Во ова интервју, неговите родители Александар и Ивана Здравковски ни откриваат повеќе за талентот на Матеј, а на крајот и самиот Матеј споделува дел од своите желби.
Читај бе: Кажете ни нешто повеќе за Матеј – колку години има, каде учи?
Александар и Ивана Здравковски: Матеј има 7 години. Ученик е во ОУ „Даме Груев“ во Битола. Оваа година го заврши второ одделение, а од септември ќе биде трето.
Читај бе: Кога за првпат забележавте дека има интерес кон тапанот?
Апсолутно бевме изненадени, но беше премногу мал за тоа да го класифицираме како интерес. Го гледавме како на играчка со која сака да си игра.
Читај бе: Како се појави љубовта кон тапанот? Има ли музичка традиција во семејството?
Сè започна кога на телевизија ја виде песната „Рум, дум, дум“ од Даниела Темелковска. Почна постојано да имитира тропање. Дури и неговата негувателка во градинка низ шега велеше: „Матеј тропа и кога го хранам!“ На детските приредби секогаш беше со тапан.
Читај бе: Кога го доби првиот тапан?
На две години, од татко му, како новогодишен подарок. Тоа беше малечок, играчка тапан, налик на сувенир.
Читај бе: Како се одвиваше неговото учење? Дали имаше ментор?
Сè што знае денес, го научи во ансамблот „Гоце Делчев“ под менторство на наставникот Бранко Жежовски, кому сме многу благодарни. Тој е најголемиот авторитет за Матеј.
Читај бе: Колку долго е член на ансамблот и како се вклопи таму?
Три години е член во АФ „Гоце Делчев“. Одлично се вклопи – повозрасните го доживуваат како свое дете, а со децата се вистински другари.
Читај бе: Кои настапи би ги издвоиле како најзначајни?
Иако Матеј не прави разлика, би ги издвоиле настапите во Србија – „Млавско коло“ во Петровац на Млави, фестивалот во Сврљиг каде освои индивидуална награда, неодамнешниот настап во Грција и многу други.
Читај бе: Кои награди ви се највпечатливи?
Наградата во Сврљиг, Србија, е особено драга. Исто така, специјалната награда на фестивалот „Пеце Атанасовски“, каде на 6 години ни рече: „Ќе ја земиме наградата.“ И пофалницата од Талент шоуто на Црвен крст, како и поддршката од градоначалникот на Битола.
Читај бе: Колку влијаат медиумските појавувања врз него?
Матеј ужива во медиумските настапи. Дури и кога ние се сомневаме дали ќе издржи, наставникот Бранко Жежовски има огромна доверба во него.
Читај бе: Какво беше искуството со музичките спотови и настапи со познати музичари?
На снимањата се однесува како вистински професионалец. Настапувал со Јордан Митев, Сузана Гавазова, Благоја Грујовски, Блага Петреска… Сите тие се воодушевени од него и му даваат поддршка.
Читај бе: Како го доживува целиот овој успех?
Среќен е што е на сцена со големи музички имиња, има трпение за сликање со публика и ја разбира сериозноста – го жртвува и времето за игра за да оди на проби.
Читај бе: Кои се вашите планови и желби за неговиот понатамошен развој?
Да е жив и здрав, да не ја изгуби љубовта кон музиката, но и да не ги запостави училишните обврски. Од оваа година ќе оди и во нижо музичко училиште. Потоа ќе видиме каде ќе го одведе музиката.
Читај бе: Прашање до Матеј – Како се чувствуваш додека тропаш на тапан и која е твојата желба за во иднина?
Матеј: Се чувствувам среќен. Сакам да настапам со Даниела Темелковска и да продолжам со Спасен Силјановски, Јордан Митев, Сузана Гавазова. И со АФ „Гоце Делчев“ да ги освоиме сите награди!