people 2603521 1280

Тој ден започна исто како и сите претходни веќе доста долго време, и немаше никаква најава или помисла за  што било поинаку. Тмурен, мрачен, бесцелен. Како и последните 6 или 7 години. Веќе и чувството за време беше изгубено, но не беше ни битно.

Кафе без шеќер. Што е можно појако! Проследено со неколку цигари и тргнуваме. А каде тргнуваме? Кон наредната вечер. А тогаш кон наредното утро и така…

Кога излезе, тој не можеше ни да замисли дека ја купи кутијата цигари со најблагата цигара што некогаш била направена. Можело цигара да биде блага? Но тој, во тој момент немаше никаква идеја дека можело и дека е во неговиот џеб во резервната втора пакета.

Времето заладено, небото сиво, улиците влажни од повремените дождови. Исто како во неговата душа. Вклопен во големата слика – целосно.

couple 1375125 1280

Неговото достоинство и витешки карактер никогаш не му дозволија целосно да се вклопи во светот што го опкружуваше. Најмногу поради тоа што сите околу него го тераа да потклекне, да ги олабави неговите идеали, да ги падне стандардите во неговата глава. Одамна имаше престанато да ги слуша. Имаше престанато да ги слуша до степен што сите такви луѓе што беа дел од неговиот живот – ги имаше отстрането. Кругот беше сѐ помал, но тоа на некој начин му годеше.

Поминувајќи ги дневните рутини размислуваше баш на оваа тема. На некој начин беше среќен дека кругот е мал, бидејќи е квалитетен. И иако не сакаше да си признае, беше помирен дека неговите идеали ќе го изедат тоа што останало од неговиот живот, но повторно беше среќен бидејќи знаеше дека е во право! Пред сѐ – пред себе!

Баш тој тмурен и мрачен ден, додека ручаше, не ни знаеше дека надвор се разведрува. Не беше човек што верува во случајности или чуда, но баш тој ручек ќе го памти засекогаш. Една обична поезија од еден одамна починат поет ја запали искрата што мислеше дека никогаш нема да се запали. Го промени неговиот свет засекогаш!

Во суштина тој беше многу едноставен човек. Сакаше едноставни работи. Секогаш беше насмеан и имаше во него љубов за сите. Велат секоја планина своја тежина, па така и тој, но тој никогаш не дозволуваше тоа да го прелее врз околината. Едноставно сакаше да си ужива во својата мизерија на начин на којшто тој го сметаше за најпогоден, и така и правеше.

Најдобро знаеме колку лесно може да се промени нечиј живот само за еден момент поради лошите работи. Обично смртта е таа што многу луѓе ги освестува и им кажува колку животот е краток и како може се наеднаш да се промени. Обично тие таквите – неосвестените луѓе сметаат дека животот е многу долг! За нив несомнено и е, бидејќи нивната цел не е ни приближна до исполнување, па секој ден е само нова болка, секоја вечер ново мачење, а секое утро ново проклетство. Но не значи дека само лошите работи можат да ни го превртат животот на глава. Кога ќе се случи лоша работа сакаме да премотаме наназад за да промениме нешто или нанапред за да заборавиме или се навикнеме на нешто. Но забораваме дека постои и паузата – кога нештото е убаво. Така и поезијата од одамна починатиот поет го притисна копчето за пауза на неговиот живот.

big city 2926633 1280

Преку поезијата ги виде очите. Оние очи за коишто се пишуваат поеми. Оние очи што ти го контролираат дишењето, и ги чувствуваш врз себе, посакувајќи да се сончевата светлина што свети само за тебе. Очите со боја – покрив на светот!

Додека облаците се расчистуваа, тој со солидно темпо ја уништуваше првата кутија цигари за тој ден. Размислуваше на очите, на перфектната неперфекција во којашто се пронајде и не беше сигурен дали сѐ што се случува всушност се случува, а не ни знаеше дека во џебот ја носи таа благата, слатката цигара – сосем случајно што се погодила во неговата резервна пакета што за брзо ќе мораше да ја отвори.

Велат очите не лажат. Не сите, но баш овие – неговите, не лажеа. Велат во очите најдобро можеш да му видиш на човека каков е. Исто, не на сите луѓе, но во овие очи се гледаше сѐ! Дури и подлабоко од вообичаеното. Во овие очи се гледаа сите битки. Сите лузни, и рани. Се гледаа и скршените срца и гладот за искреност. Овие очи беа искрени! И беа негови!

А тој, во тие очи, во отсјајот си ги виде своите очи! Баш обични и вообичаени! И во отсјајот го виде сето витештво! Сето достоинство, идеали поради кои беше често дури и осудуван, и сета љубов на светот што ја криеше во себе. Или накратко во овие очи виде надеж! Надеж за нешто што сметаше дека е одамна мртво!

Магичната кутија цигари веќе беше отворена и фалеа неколку. Беше длабока ноќ кога тој реши да запали уште една цигара пред спиење. Кога излезе на терасата, го погледна небото. Беше ѕвездено и просто магично. Немаше ниту еден облак. Кога го виде небото со сиот свој сјај, се присети на очите. На оние очи што му го контролираа дишењето. На оние очи што ги бакнуваше без престан! На оние очи во кои си ги виде дури и своите и се зачуди дека темнината некако не била толку темна колку што мислел. Небото му заличе баш на нејзините очи – оние неговите!

man 3556090 1280

Ја извлече магичната цигара и ја стави во устата сѐ уште незнаејќи дека е таа – таа. Ја запали и повлече длабоко. Кога осети дека цигарата е блага, и дека вакво нешто никогаш нема пробано, се насмеа до уши. Немаше намера ништо да коментира, ниту на некој да кажува дека тоа е возможно, па само реши да ужива во своето мало чудо.

Во тие неколку минути додека ја пушеше, гледаше во небото и размислуваше за сѐ што се случи, сѐ уште неверувајќи. Ја допуши цигарата насмеан како дете чуствувајќи го целиот мир и спокојство што човека може да ги посака, нешта што мислеше дека никогаш нема да ги почувствува повторно во својот живот, влезе внатре и единствено нешто што рече беше:

Колку убава вечер!

И така насмеан отиде да ги бакне нејзините очи! – оние неговите! Знаејќи дека тука сѐ завршува! Знаејќи дека тука сѐ започнува!

                                                                                                                                      автор: Максим Коте

Полека умира оној кој не ги следи своите соништа…
Лесно умира тој што не патува, оној кој не чита, оној кој …
Како неспособните ги преценуваат сопствените способности – Данинг-Кругеров ефект
Во животот неизбежно сте сретнале барем една ваква личност – тој тврди …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Колку сме толку сме токму сме – 94 години од раѓањето на Гане Тодоровски

Гане Тодоровски  (1929 -2010)  од современ, денешен книжевен аспект може да се…