Во Културно-информативниот центар во Битола на 21.04.2023 година со почеток во 18 часот се одржа промоција на два универзитетски учебници, со наслови: „Интеркултурно образование“ и „Интеркултурна комуникација и билингвизам“ од авторките: проф. д-р Билјана Граматковски, проф. д-р Јасминка Кочоска и проф. д-р Данче Сивакова-Нешковски. Рецензенти на учебниците се: проф. д-р Снежана Мирасчиева од универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, проф. д-р Татјана Атанасоска и проф. д-р Виолета Јанушева, и двете од универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Во овие учебници авторките умешно ја спојуваат меѓукултурната комуникација со билингвизмот зашто, несомнено, станува збор за поими што се наоѓаат во меѓусебна тесна врска и што се поврзани со меѓукултурната комуникациска компетенција, а таа, пак, е особено важна во повеќекултурниот свет во кој живееме. Имајќи предвид дека интеркултурното образование, интеркултурната комуникација и билингвизмот се основа на комуникативната сфера, авторките во учебниците нудат современи содржини и интерактивен пристап, а тоа им овозможува на студентите, првенствено, динамична комуникација со содржината и со прашањата наменети за проверка на знаењето.
Во преубавиот амбиент на КИЦ, атмосферата дополнително ја разубави триото „Трифоника“, кое со својот иновативен пристап ја изведе пиесата „Валс“ за шест раце од Сергеј Рахмањинов.
фото: Саше Богоевски