Вчера во кафулето Порта џез, во присуство на режисери, музичари, музички критичари и бројни слушатели, беше промовирана новата песна и спот на Александар Гулевски, наречена „ДОМ“.
Во време кога, т.н. алтернативна сцена во Македонија е во мирување, новото музичко остварување, и воопшто, враќањето на музичката сцена на Александар Гулевски, звучи изненадувачки свежо.
Песната „Дом“ е,инаку, втор сингл на Александар Гулевски, од неговиот претстоечки деби албум, кој е во подготовка.
АЛЕКСАНДАР ГУЛЕВСКИ ЈА БУДИ БИТОЛА
Вчера присуствував на видео проекцијата на новиот, втор по ред сингл на Александар Гулевски, насловен како „Дом“. Наследник на првиот, под име „Превез“, кој се појави два месеци претходно. Александар Гулевски припаѓа на старата гарда музичари, кои на почетокот на деведесеттите го трасирале патот на сегашната плејада на музичари. Започнувајќи во групите „Процес“, „Санс“, „Фреш“, од денешна гледна точка вредни за спомнување, еден период се движи во кругот на Мизар, за да со својата музичка капсула се појави во денешно време, исто така кратко, во групата „Вел“. Се појавува во време кога го снимаат својот албум првенец и несебично ја нуди својата песна „Незалезна“, која стилски се разликува од целиот материјал на албумот. Се чини дека успехот на истата претставува иницијална каписла и го предодредува неговиот иден музички правец.
Во моментот постои музички вакум на изведувачи кои третираат т.н. алтернативен рок со примеси на византиско пеење. Мизар се веќе бледа сенка на самите себе и делуваат изморено. И додека чекаме нови изданија од Горан Трајкоски и Горан Таневски, од втор план се појавува Александар Гулевски, како видно освежување на музичката сцена и од досега приложеното, рамо до рамо парира на горе спомнатите изведувачи.
Следејќи ги модерните музички текови, користејќи блага електроника како ритам секција, надоврзана со прецизно отсвирените гитари и незаобиколното дозирано византиско пеење, на својата музика ѝ дава една безвременост, на ионака безвремените минималистички текстови и како една целина, блажено ве скротува и тера на повторно, циклично повторување на песните.
Ако реинкарнираната моментална музичка сцена со сите музички жанрови и поджанрови претставува главно јадење на музичкото мени на државата, тогаш Александар Гулевски е десертот, јаготката на шлагот.
Скромен и ненаметлив, горд на своето музичко минато, со јасна визија за својата музичка иднина, себеоткривајќи се постојано, нѐ тера да се спознаеме и одвнатре, за тоа кои сме и што сме и однадвор, за тоа какви сакаме да бидеме и сето тоа преку музиката.
Битола и битолчани отсекогаш биле поклоници на музичкиот правец кој во моментот го негува Александар Гулевски. И можеби не случајно, токму од Битола започнува неговото ново музичко поглавје. Божја волја или судбина? Ќе слушнеме наскоро во форма на ЦД. Дотогаш, слушнете го неговиот прв сингл „Превез“ (https://youtu.be/ZNTX8fGBe_I) и секако, неговиот нов сингл „Дом“ (https://youtu.be/WWa7F-fdINA).
Илија Талев – музички критичар и DJ
ДОМ
Порти древни во себе отвори,
да видиш, таму, внатре, себеси.
Кој си, што си и од каде извираш.
Разбуди се!
Разбуди се, во својот дом.
Разбуди се!
Разбуди се, во својот дом и…
Не заспивај.
На крајот ќе остане љубовта,
и крстот свет на рамења.
Кои сме, што сме, ништи духом, блажени.
Разбуди се!
Разбуди се, во својот дом.
Разбуди се!
Разбуди се, во својот дом и…
Не заспивај.