Пред битолската читателска публика ќе се промовира уште едно книжевно дело, романот за деца „Велинка“ од Маја Митровска, која досега на јавноста ѝ е позната како професор по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола.
Промоцијата на романот е закажана за 22 декември во 19 часот во КИЦ.
Промотор на книгата е д-р Лили Бошевска. Книжевни фрагменти од книгата ќе интерпретира автентичната Соња Михајлова, а музички соработни на промоцијата е м-р Јана Четелева Белевска.
Книгата е во издание на „Антолог“.
Како се роди романот за деца „Велинка“?
Со оглед дека авторот е музички педагог, и педагог воопшто кој умее точно и прецизно да соработува со учениците – децата, Митровска рече:
„’Велинка’ е поврзан со мене со многу силна емотивна нишка, иако е фикција, како поминуваат годините сѐ повеќе верувам дека пишував за нечија вистинска животна приказна. Во моите мисли ликовите оживуваат, иако се апсолутно измеслени и произлегуваат од мојата фантазија. Единствено името на главната хероиња е реално и е позајмено од моето семејно стебло. Приказната за Велинка почна да се ткае уште пред десеттина години, кога измислував приказни за добра ноќ зa синот Андреј, а подоцна подзаборавената приказна ја раскажував и на помалиот син Мартин, токму затоа оваа фантастична приказна им ја посветувам ним. Визуелната перцепција за ликовите ме поттикна уметнички да ги олицетворам, па така денес, тие се наоѓаат во книгата, во подобрена верзија благодарејќи на современите технологии. Илустрациите во книгата се засноваат на мои цртежи со минимално дооформување со генератор за уметност. Оние кои ме познаваат знаат дека јас го сакам естетското и природното во секој сегмент од животот и нашето постоењето, но истовреме секогаш ме привлекувале новите тенденции во технологијата, па арт генераторот беше уште еден предизвик за мене. Морам да признаам, колку и едноставно да изгледаше целата обработка, мене ми одзеде скоро еден месец труд до финалните илустрации.
Вештачката интелегенција има огромна моќ, но никогаш нема да ги замени човечките емоции во уметноста. Тоа е она што не прави оригинални. Кога зборуваме за уметноста, сметам дека вештачката интелигенција (AI) не може да ја замени човечката креативност, само може да ѝ даде нова димензија, што е во случајот со моите илустрации. Вештачкат интелегенција ми овозможи колоритно да ги оживеам цртежите кои произлегоа од мојата фантазија и да истражувам еден нов креативен свет“ .

За книгата:
Велинка е обична девојка со необична животна приказна. Нејзината судбина на суров начин ќе ја одведе по патот на своите претци, за да спознае која е, од каде потекнува и на каде да чекори во животот. Страшната случка, едно невообичаено поладне во тивката шума Шушумна ќе биде патоказот за нејзиното патешествие.
Дали ќе ја стигнат клетвите од минатото? Дали доброто ќе го победи злото? Дали добрината може да ги спаси загубените души и љубовта може да ги излекува раните?


Патувањето низ оваа фантастична приказна отвора многу интересни прашања на кои одговотот ќе го дадете вие – нејзините читатели.
Се гледаме на промоција!








