privatnost sara

Пишува: Сара Танаскоска

На тлото на Балканот, добрината често е како нож со две острици или злобна љубопитност. Ќе ти понудат кафе додека те распрашуваат со кого си, кога ќе се жениш или мажиш, дали имаш деца, зошто немаш, па дури и колку пари заработуваш. Тоа се прашања што кај многумина ќе предизвикаат тензии, но кај нас се сервираат со насмевка и уверување дека „само се грижиме“.

Живееме во култура каде што блискоста е вредност, но честопати прераснува во непрепознаена форма на притисок. Наместо поддршка, добиваме суд, маскиран како совет. Наместо интерес, добиваме надзор, облечен во „добра намера“.

Многу млади кои заминуваат од земјава не го прават тоа само поради економски причини. Кога ќе се опуштат доволно за искрено да зборуваат, често ќе кажат нешто многу тивко, но мошне значајно: „Ми недостигаше мир. Простор. Да живеам, а да не ме гледаат сите.“

Во странство, никој не те прашува зошто не си женет на 30, зошто немаш дете на 35, зошто одиш сама на свадба, или зошто ручаш сам во ресторан. Таму, тоа се нарекува живот. Тука, тоа е проблем што бара објаснување. Парадоксално, ние сакаме младите да останат, но истовремено ги задушуваме со прашања, очекувања и коментари кои звучат како „од грижа“, а се доживуваат како контрола. Го сакаме блиското, но не сакаме да го ослободиме од нашата верзија на „добрина“. Не разбираме дека вистинската блискост не се гради со распити, туку со простор.

Можеби е време да ја преиспитаме таа наша толку длабоко вкоренета „грижа“. Дали навистина сакаме да бидеме тука за луѓето или само сакаме да знаеме што се случува со нив? Дали прашуваме од љубов или од навика? И што би се случило ако, наместо веднаш да копаме по туѓи животи, само бидеме тука достапни, присутни, но ненаметливи?

Културата на блискост не мора да значи гушење. Може да значи почит. Да оставиш простор. Да разбереш кога некој не сака да зборува и да не инсистираш. Да не превртуваш туѓи избори низ твоите стандардизирани очекувања.

Затоа што, на крајот на денот, сите ние сакаме исто: некој да нè прифати без да нè анализира. И да нè праша „Како си?“ и навистина да сака да слушне одговорот. Без дополнителни прашања. Без заклучоци.

Битолски каратисти одат на Балканско
На Државното првенство за деца (У12 и У14) во ката и кумите, …
Колку повеќе им угодувате на луѓето, толку повеќе ве прават будала – 5 совети од психолозите
Угодувањето на другите за да се избегне конфликт или да се добие …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…