Предавството можеби е најтивката, но е и најсилната болка. Забивањето нож во грбот или предавството, за жал, секогаш е поврзано со најблиските. Со оние околу тебе. Тоа не доаѓа од непријателот што стои наспроти тебе, туку од оној на кого си му верувал. Тоа не е било каков нож – тоа е нож кој ти си му го дал. И сега, не веруваш дека тој истиот, твојот нож е во твојот грб.
Предавството ја разболува душата, го разорува срцето, ја разнишува довербата, го држи сомнежот на готовс…останува внатре во нас како еден потсетник дека довербата е скапоцено парче накит кое не се дава секому.
Предавството те крши, зашто не си бил подготвен на таков удар. Неочекуван.
Се чувствуваш како да паѓаш во провалија, а оној кој те турнал стои горе, те гледа и те чека да паднеш.
Предавничкиот нож ја прави најдлабоката рана која не зацелува така лесно. Но сепак, поминува, заздравува…
Останува лузна само да те потсети дека си преживеал, дека си поминал преку тоа и иако требало да те скрши – не те скршило. Еве си. Исправен. Силен. Вооружен со грешките од минатото. Претпазлив.
Затоа што вистинската моќ е во оние што, и покрај болката, повторно стануваат.
Ќе поминат и непроспиените ноќи и разните прашања што и каде сум згрешил, преиспитувајќи ги постапките, барајќи ја кривицата. И прашањето – зошто не го предвидов тоа?
На крајот, предавството кажува повеќе за нив отколку за вас. Можеби ја ослабеа вашата доверба, но несакајќи ја зголемија вашата сила.
Нека биде ова само едно поглавје од животот. Нека не ве дефинира. Животот и сите негови предизвици се тука за да не обликуваат онакви какви што сме.
Да не дозволиме вакви работи да нè скршат, туку да не издигнат од пепелта. Помудри и посилни. Похрабри. Чекајќи го наредниот животен предизвик.