М-р Катерина Котеска е адвокатка во Битола од 2013 година, специјализирана за семејно право и семејно насилство. Таа е магистар по казнено право со магистратура во областа на семејното насилство и докторант на казнено право на Правниот факултет во Битола. Заложбите на Катерина се да им помогне на еднородителските семејства, да им се помогне во решавањето во нивните проблеми. Еден од најголемите проблеми е алиментацијата, односно наплатата. Моментално родителите се оставени сами на себе при наплатата на алиментациите преку извршител и со поднесување на кривична пријава, но не успеваат да наплатат поради сé почестата миграција во странство. Нашата држава нема потпишано билатерални договори со други држави за присилна наплата на побарувања и при една ваква состојба еднородителските семејства остануваат без приход, вели Катерина.
Читај бе: Како адвокат по семејно право, може ли да ни кажете, колку јавноста е свесна за проблемите кои ги имаат еднородителските семејтва согласно искуствата и случаевите со кои се сретнувате во Вашата пракса?
Адвокат Катерина Котеска: Како адвокат кој работи семејно право, секојдневно сум сведок на тешки животни судбини на еднородителските семејства и жртвите на семејно насилство.
Во принцип, заедницата во која живееме ги детектира овие категории на лица како социјално загрозени, но во пракса треба уште многу за да дојдат до можноста за полесно остварување на своите права. Тоа се категории на лица кои имаат потреба од посебен третман, бидејќи условите во кои живеат се специфични.
Јавноста е запознаена за појавата на еднородителството и семејното насилство како појава, но сé уште не постојат адекватни механизми за решавање на низа проблеми на оваа категорија на лица.
Читај бе: Кои се најголемите проблеми кои ги имаат еднородителските семејства?
Најголемите проблеми кои ги имаат еднородителските семејства се соочување со постојана борба за егзистенција и задоволувањето на различни потреби, најчесто егзистенционални кои им е потешко да ги остварат.
Тоа најчесто се потребите од домување, од стекнување на дом по поповолни услови (повластени услови при субвенционираните, станбени кредити од држаавата „Купи куќа, купи стан“), потребата од вработување и остварување на повластени права (да не работат во трета смена, поради потребата од чување на децата и сл.), полесен пристап до пазарот на трудот, повластици при школување на децата од еднородителските семејства, како и други приоритети при остварувања на правата во општеството.
Многу од еднородителските семејства се жртви и на семејно насилство. Многу често се приморани, особено жените да заминат од заедничкиот дом, кој во голем број случаеви е стекнат и во брак. Многу од жените се со многу ниски или никакви примања, па по разводот или смртта на партнерот се наоѓаат практично без дом. По разводот се приморани да водат постапки за поделба на имотот, кои доколку не спаѓаат во категоријата за добивање на бесплатна правна помош, се приморани сами да ги поднесат трошоците за постапките.
Многу од еднородителските семејства треба наново да стекнат дом, па при средбите со надлежните, често се истакнува потребата од дополнително субвенционирање на еднородителските семејства за добивање на кредит за купопродажба на стан и приоритет при добивање на социјалните станови.
Читај бе: Тука се и децата. Колку страдаат тие, како може да им се помогне на децата кои доаѓаат од еднородителски семејства?
Адвокат Катерина Котеска: Голем проблем за родителите од еднородителските семејства е грижата за децата кога тие се на работа, каде што државата мора да создаде механизам за помош на оваа категорија на родители, бидејќи многу од нив одат на работа во смени и немаат на кој да ги остават децата.
Како најголем проблем, со кој се соочуваат еднородителските семејства од секогаш, а во поново време уште повеќе е наплатата на досудената издршка за малолетно дете или деца, популарно наречена алиментација.
Најголем проблем отсекогаш е што тие пари се за делумно издржување на децата после разводот кои се од суштинско значење на родителот кој ги добива, а при неможност за наплата од родителот, државата не нуди никаква помош во смисла на осмислување и оспособување на механизми со кои на родителите ќе им помогне да ги добиваат парите, а при тоа ќе им помогне и при наплатата. Моментално родителите се оставени сами на себе при наплатата на алиментациите преку извршител и со поднесување на кривична пријава, но не успеваат да наплатат поради сé почестата миграција во странство. Во овие случаеви, родителот кој треба да плаќа во странство е заминат со бугарски пасош како бугарски државјанин, а во нашата држава не е регистриран, ниту му е регистриран излез од државата. Нашата држава нема потпишано билатерални договори со други држави за присилна наплата на побарувања и при една ваква состојба еднородителските семејства остануваат без приход.
Предлогот кој одамна е поставен пред надлежните, а при ваква ситуација станува сé попотребен е создавање на државен фонд за исплата на алиментација, од кој ќе се исплаќаат алиментациите на родителите кои немаат никаква можност да ја наплатат, односно другиот родител е во странство или е постојано не вработен, работи на „црно“ или на друг начин го избегнува и прикрива приходот за да не може да му биде наплатен.
Државата кај оваа категорија на лица, користејќи ги своите механизми за присилна наплата ќе ги побаруваат од родителот кој е задолжен да плаќа и ќе ги наплатуваат.На овој начин би се овозможила континуирана издршка за децата ,како не би биле приморани поради ниски приходи и немање на алиментација да завршат на работ на сиромаштијата ,да прекинат образование и сл.
Читај бе: За што се загалате вие како експерт од оваа област? Може ли некако да се подобри состојбата на овие семејства? Се говори ли доволно гласно?
Адвокат Катерина Котеска: Заложбите за подобрување на состојбата на децата од еднородителските семејства не треба да биде само во програмите на политичките партии, туку и да биде реализирано во пракса. За жал, од посетата на министерката за труд и социјала во Битола, на средба со еднородителските семејстав, која беше организирана по повод Меѓународниот ден на семејството, добивме известување дека измените на законот за семејство ќе бидат процесуирани следната година, но по средбата добивме известувања дека сепак ќе има некои измени и тоа :
- Дека ќе има корекција за добивање на детски додаток ,кој многу еднородителски семејства го изгубија поради покачување на минималната плата
- Во измените на Законот за работни односи ќе постои ограничување на одење во трета смена за родителит од еднородителски семејства и со деца над 3 години
- Ќе има промени во законот за домување
- Градинките на локално ниво ќе примаат деца од еднородителски семејства без ставање на листа на чекање,а и за добивање на загарантирана минимална помош ќе биде потребно прекин на приход во траење на само еден месец.
Согласно овие измени, а и со воведување на национален фонд за исплата на ненаплатлива алиментација ќе се направат сериозни чекори кон подобрување на статусот на оваа категорија на лица во општеството.
Моето залагање, како експерт во оваа област е за подобрување на статусот во општеството на еднородителските семејства и жртвите на семејно насилство. Оспособување и подобрување на механизмите на државата за социјална заштита на оваа категорија на лица и ублажување на разликите. Мојата заложба е да се елиминираат предрасудите дека децата од еднородителските семејства,од разведените бракови и деца жртви на семејно насилство и од родители жртви на семејно насилство не можат подеднакво да успеат, да стекнат посакувано образование и да бидат дел од секое општество без разлика на тоа што израснале во овие услови.