Не постои ниту еден друг начин да промениш одреден општествен проблем, а тој да не биде решен преку политичкиот систем. Како млади може да бидеме колку сакаме гласни, ако тој глас не го внесеме во „политичко-институционалниот филтер” тогаш трагот на тој глас ќе се изгуби. Вака за Читај бе вели 23-годишниот Андреј Гулабовски од Битола, дипломиран правник кој моментално е студент на втор циклус студии по Уставно право на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Го избра Уставното право затоа што смета дека е поттик за критичко размислување и делување со цел подобрување на моменталните состојби во нашиот систем од правен, но и од политички план. Од неодамна е претседател на ЛК СДММ Битола, а преку функцијата ќе се бори за изнаоѓање решенија за младинските проблеми во нашиот град.
За политиката пак, коментира: Иако историските искуства на политиката ѝ доделиле негативни епитети, мојот став е дека политиката е само алатка преку која нештата можат да се променат, а луѓето се тие кои се виновни за негативните епитети на политиката.
Читај бе: Андреј, најнапред кажи ни, како се одлучи правото да биде твоја професионална определба? Зошто правото? Имаше ли некој кој ти беше пример додека растеше?
Андреј: Следејќи ги политичките настани во периодот од 2014-2017 година, борејќи се против целата неправда која им се случуваше на студентите и на нас средношколците како и обелоденувањето на преслушкуваните разговори преку проектот „Вистината за Македонија”, беа основен мотив за да се роди желбата да го продолжам моето високо образование на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.
Го одбрав токму правото затоа што единствено преку него може да се стигне до правда. Иако свесни сме дека преку недореченостите на правото некогаш може да се случи и правдата да не биде задоволена, сепак правилната примена на правото е единствениот начин да се врати довербата во судството како и правдата валоризирајќи ја како примарна вредност во системот на општествени вредности.
На повеќето правници, мотивот да се насочат кон оваа фела им бил пренесен од своите родители, роднини, пријатели и тн. Во мојот случај тоа не беше така. Моето семејство никогаш не се занимавало со правото па настојуваа да ги започнам студите на Правниот факултет во мојот град, но сепак желбата за оформување на „самостојна личност” и понудата на поголемиот спектар на можности како поголем град беа пресудни да одлучам да тргнам сам по тој трнлив пат, но сепак доколку си доволно мотивиран и посветен на учењето тогаш не постои никаква пречка за да се достигне целта.
Читај бе: Ти си студент на втор циклус студии по Уставно право на УКИМ. Зошто го избра уставното право? Дали можеби актуелните состојби во државата те насочија натаму?
Андреј: Правните студии на втор циклус на Правниот Факултет „Јустинијан Први”- Скопје ја нудат потпрограмата Уставно право како еден спој на правото и политиката кое за мене беше пресудно да се вклучам во изучување на истото. Уставното право како посебна насока на втор циклус студии освен што го нуди изучувањето на различните политички системи во демократските држави, различните системи на локална самоуправа, организацијата и надлежностите на Европската Унија тоа нуди и поттик за критичко размислување и делување со цел подобрување на моменталните состојби во нашиот систем од правен но и од политички план.
Читај бе: За време на твоите додипломски студии беше активен, но беше дел и од неколку школи и обуки. Колку се важни овие настани за идните правници, политичари? Што е она што се учи во овие школи, какво е искуството?
Андреј: Искрено сум многу горд што во текот на додипломските и постдипломските студии го насочував слободното време кон стучно усовршување и оспособување преку неформално образование. Како пример би ги издвоил:
- Школата за млади политичари организирана од Охрид Институтот за економски стратегии и меѓународни работи
- Школата за човекови права во Виена, Австрија
- 11-та Политичка академија организирана од Прогрес институтот
- Академија за прогресивни политики од Западен Балкан во Сараево, Белград и Тирана, организирана од страна на Фондацијата Борис Дивковиќ, Форумот на леви иницијативи и тн.
- Регионална политичка академија организирана од Фридрих Еберт Штифтунг.
- Академија за креирање на јавни политики организирана од страна на Швајцарската амбасада и НМСМ, каде како мој проект е изготвен проектот „Bitola SmartAPPCity”
На горенаведените школи можам со задоволство да кажам дека добивме особена поддршка во она што сме замислиле да го направиме понатаму и сме запознале многу пријатели од државата но и од Западен Балкан со кои и ден денес комуницираме. Основна цел на истите е да дадат насока – како предлог политиката низ политичко-правниот систем на државата ќе биде имплементиран во реалноста и како треба да се претставите со истата со цел да добиете позитивен „фидбек”.
Читај бе: Имаш 23 години. Колку мислиш дека твоите врсници се доволно мотивирани активно да се ангажираат во општеството и секако да бидат влијателни и важен глас во иднина?
Андреј: Одговорот на ова прашање ми дава за право да се фокусирам исклучиво на овој проблем во текот на мојот две годишен мандат како претседател. Иако во моментот многу мал процент на млади би одговориле дека некогаш би се вклучиле во политиката, јас сакам да докажам дека не постои ниту еден друг начин да промениш одреден општествен проблем а тој да не биде решен преку политичкиот систем. Како млади може да бидеме колку сакаме гласни, ако тој глас не го внесеме во „политичко-институционалниот филтер” тогаш трагот на тој глас ќе се изгуби. Иако историските искуства на политиката ѝ доделиле негативни епитети, мојот став е дека политиката е само алатка преку која нештата можат да се променат, а луѓето се тие кои се виновни за негативните епитети на политиката. Често слушам дека партиципирањето во политичка партија почнува да биде срамота за младите. Тоа е голема грешка. Свесен сум дека секогаш ќе има група на луѓе што ќе настојува да те демотивира да твориш, но затоа што сме млади не смееме да застанеме и да потклекнеме под притисокот, затоа што само ние знаеме што нас нѝ недостасува и нè прави да се чувствуваме незадоволни од системот.
Читај бе: Според тебе, што е она што треба да го направат младите во Битола?
Андреј: Покрај сите потреби и барања на младите во мојот град, мислам дека многу е потребно младинска меѓуполитичка соработка, односно за прашањата кои директно се поврзани со нас, ние сме тие кои треба да седнеме заедно и заедно да одлучиме кое решение е најдобро за сите нас. Политичкото поентерство нé донесе до стадиум на омраза, а не сме свесни дека овој град е заеднички, тука сме се школувале, тука имаме дом и семејство, тука работиме и едноставно должни ѝ сме на Битола поради сите овие нешта кои таа нѝ ги овозможила.
Читај бе: Која е најголемата грешка која ја прават кога се работи за нивната иднина, според твоето лично мислење, но и од искуството и примерите?
Андреј: Повеќето би рекле дека е грешка што младите ја бараат својата иднина во странство. Јас би рекол дека тоа е природен процес, следејќи го трендот на младите Германци кои емигрираат во Австрија или пак младите Австријци кои емигрираат во скандинавските земји. Тука нема сила која што би спречила некого да си го бара своето место под сонцето. Иако повеќето мислат дека финансиските причини се тие кои што се главен мотив за преземање на таков подвиг, јас сум убеден дека не секогаш финансиските причини се примарни причини за емигрирање на младите. Тоа е така поради функционирањето на системот, но тука е и најголемата грешка која ја прават. Доколку заминат некаде далеку, тие никогаш нема да го променат системот кој нив ги „принудувал” да заминат надвор од сопствената држава. Јас искрено чувствувам обврска да го вложам мојот ентузијазам, целиот мој интелектуален капацитет, време, храброст и жар за да се изборам за нешто по кое што ќе ме препознаваат идните генерации.
Читај бе: Што е она што треба да се направи за младите да сфатат дека нивниот глас е важен, а со тоа да бидат и погласни во своите барања?
Андреј: Мојот став по ова прашање го поврзувам со дејствувањето на медиумите и јавните гласила, односно медиумите се тие преку кои што информацијата стигнува најбрзо до сите нас. Кога се работи за „глас” во текот на изборен период, го следам трендот на движење на младите гласачи и можам да порачам дека и не толку доволно се користи најсилното демократско право. Ќе Ве потсетам на 2016 година кога за тоа време супер моќните ВМРО ДПМНЕ паднаа од власт со пенкало (со глас). Јас можам да упатам порака до сите млади дека прават многу голема грешка што воопшто не го искористуваат правото на глас или пак со намера прават неважечко гласачко ливче. Потсетувам дека е важно да гласаат секој според свое убедување, но да знаат дека со својот глас влијаат на својата иднина. Кога се работи за „глас” како изразување на незадоволство во секојдневнието, јас сум против ширење на истиот само на социјалните мрежи. Изнесените мислења на социјалните мрежи без за истите да се понудат решенија се нерелевантни, затоа што тоа е „продавање на гол популизам” а не љубов кон младите и кон градот.
Читај бе: Од неодамна си претседател на ЛК на СДММ Битола. Што значи оваа фукција за тебе и што е она што би сакал да го направиш додека си на оваа позиција?
Андреј: Да се биде прв меѓу еднаквите во еден политички подмладок каков што е Локалниот клуб на социјалдемократската младина на Битола е навистина чест и задоволство иако самата функција си носи поголем товар на обврски, сепак доколку навистина сте посветени на одредена цел и ако тимот со кого работиш дава максимална поддршка тогаш успехот е загарантиран.
Во текот на мојот две годишен мандат јас искрено ќе се залагам за креирање на активности и политики втемелени врз социјалдемократските вредности, кои преку претставниците на СДММ Битола во Советот на Општина Битола ќе се бориме за изнаоѓање на решенија за младинските проблеми во нашиот град. Ќе подадам рака на секој политички подмладок во градот и ќе докажам дека кога сме сите сложни за определено решение тогаш позитивниот фидбек е неизбежен.
Читај бе: За што треба да го користат младите ангажманот во политиката?
Андреј: Ангажманот во политиката треба да се сфати како клуч до вратата која води до многу можности. Меѓутоа треба да се биде цврст во своите ставови и да се одбере едиствено правиот пат за да се оствари целта. Не постои подобро нешто од тоа да оставите уреден општествен и политички систем преку кој идните генерации ќе имаат можност за континуирано надградување на истиот согласно општествените промени.