slika raskaz

Краткиот расказ „Нов живот“ од Маја Богоевска ја доби третата награда на конкурсот на Организација на жени на Општина Битола на тема „Семејното наследство женски товар на традицијата“.

НОВ ЖИВОТ

Тоа утро Весна не можеше да стане од кревет. Кога проба да ја спушти десната нога, ја пресече неподнослива болка во коленото. Ги стисна забите. Проба да ја помрдне и другата нога. Истата болка. „Зарем повторно“, прошепоти.

Седна некако на креветот. Ја отвори фиоката од наткасната и изваде една туба со маст. Почна да ги мачка колената. Ја претера повторно. Уморот си го зеде данокот.

Седеше така на креветот и немо се гледаше низ прозорецот. Сонцето само што не беше изгреало. Требаше да почне да се подготвува за на работа. Почека да почне да делува маста.

Работеше во колонијалот отспротива, на скратено време. Не дека не сакаше да работи 8 часа. Или некоја друга работа. Сакаше таа многу работи, но никој досега не ја прашал. Ниту имаше можност, ниту пак храброст да каже гласно.

Уште од мала се знаеше правилото дека Весна треба да помага дома, дека има обврски, за разлика од брат ѝ кој или се излежуваше или пак не се прибираше дома.

Татко ѝ имаше операција на срцето, а мајка ѝ отсекогаш имала проблем со нервите. Барем така велеше татко ѝ. Тој беше строг, патријахален човек без емоции. Слика прилика на неговиот татко. А жените во оваа семејна лоза како да беа само за украс. Исто како мајка ѝ. И баба ѝ. И сите како да се помируваа со судбината. Истото се очекуваше и од Весна.

Штом направи 15 години веќе и ручекот беше нејзина обврска. Последната година од средно, се обиде некако да им каже на родителите дека сака да продолжи на факултет. Тука, во градот, не мора надвор. Учеше, се трудеше, и покрај сите домашни обврски кои мораше да ги направи. Но тоа прашање никогаш не беше ставено на маса. „Размислував на кој факултет да продолжам“, се обиде да започне муабет додека ја раскреваше масата.

„Ти си женско, ти треба да ќутиш“, ѝ се сврте татко ѝ. „Гледаш дека ние не можеме ништо да работиме, тоа е твоја работа, да не гледаш. Доста од нашите пензии јадеш и се облекуваш, па уште на факултет сакала.“

Што да каже? Да се расправа? Весна не знаеше да се скара, да повиши тон. Таа знаеше да биде само послушна, зашто така беше „воспитана“.

Само што заврши средно, брат ѝ замина да работи во Германија. „Оди, барај си ја среќата, имаме ние тука кој да нè гледа“, рече татко му кога го испраќаа. Весна стоеше назад и како што заминуваше брат ѝ кон пасошката контрола, така нејзините соништа почнаа да бледнеат. Знаеше дека нема храброст да им се спротистави. Родители се.  

Годините си врвеа, а таа се чувствуваше сè повеќе како безгласна буква. Не можеше, не знаеше како да каже – НЕ. Се прашуваше често што згрешила во животот? Татко ѝ и мајка ѝ беа како други личности кога се работи за брат ѝ, а со неа…

Секој ден требаше да го направи ручекот кој ќе ѝ беше нарачан. Купуваше лекови, намирници, чистеше секој ден…како робот. Веќе не ни мораа да ѝ кажуваат. Си знаеше што треба.

Денес полнеше 30 години. Се чувствуваше како празно буре. Затворена во четирите ѕида со двајца старци кои како да сакаа да ја пресечат секоја генетска врска со неа. Само затоа што е ќерка. Татко ѝ тоа гласно си го кажуваше. А мајка ѝ цел живот само ќутеше и се согласуваше. Немоќна. Несвоја.

30 години. Секогаш скромно облечена. Не се дружеше, не излегуваше. На работа не зборуваше многу, само колку што беше потребно. Не сакаше да зборува. А што да зборува? Да одговара на прашањата на љубопитните баби – кога ќе се мажи? Па тоа беше тема на која не смее да се зборува.

„Кој ќе те земе тебе, седи си тука со нас. Ако се мажиш истото само за друг ќе го правиш. Вака, барем за родителите го правиш“, велеше татко ѝ.

„Нема живот за мене, нема излез“, си повторуваше Весна. И солзите веќе ѝ пресушија. Не течеа повеќе. Како да паѓаше во некоја дупка која нема дно. И не може да викне зашто немаше глас.

Сè до денес. На 30-от роденден.

„Еј, Весна, дојди малку надвор да ми помогнеш со торбите“, ја викна тетка Павлина, една од пријатните сосетки.

Весна истрча да ѝ ги крене торбите. Додека беше наведната, тетка Павлина се наведна и ѝ шепна: „Татко ти му ја препишал куќата на брат ти, вчера ги потслушнав кога разговараа со син ми, нели е адвокат. Брат ти ќе се враќал и ќе се женел. Девојче, барај си чаре“, рече тетка Павлина и замина набрзина.

Како дамла да ја удри Весна. „30 години сум куќен роб…за што? За кој? Толку ли ништо не сум заслужила?“

Од работа директно влезе во собата каде што беа нејзините. Седеа на каучот и гледаа серија.

„Доцниш. Со кој се замуабети по пат? Ајде прави ја салатата, гладни сме“, рече татко ѝ.

Вената на вратот во секој момент можеше да ѝ прсне. Собра сила и се воздржа.

„Што прави Зоран? Добар е?“, праша обидувајќи се да го контролира сиот гнев кој се собрал во неа.

„Што те интересира? Супер е Зоран. И кога веќе прашуваш, ќе се врати наредната недела. И тоа со невеста. Ќе треба да ги тргнеш работите од собата кога ќе си дојде.“

Весна вдиша длабоко. Им ја постави масата.

„Одам уште сега да се спакувам“, се обидуваше да се воздржи. Нејзините ниту ја погледнаа кога го кажа тоа.

Се качи горе и во една торба почна да ги става и онака малкуте лични работи. Имаше заштедено сиве овие години, гледаше да не ги троши парите на непотребни работи. Доволно ѝ се. Ќе замине од овој град. Ќе најде работа. Ќе се снајде и со сместување.

Да. Вистинскиот избор е тоа. Ќе замине.

Почувствува грижа на совест, но чувството на потиснатост не ѝ дозволи да се поколеба. Сакаше да го праша сопствениот татко „Зарем не заслужив барем една соба од оваа куќа? Зарем малку пот и крв се втиснати во овој под, во овие ѕидови?“

Ја зеде торбата и повторно влезе во собата во која ручаа нејзините родители. Гневот веќе го немаше. Сега веќе ја имаше обземено чувство на праведност.

„Каде одиш со торбата?“, праша татко ѝ. Мајка ѝ ја гледаше со ококорени очи.

„И покрај сè, јас ве сакам. Но време е да се сакам малку и себеси. Заминувам. Куќата и онака веќе си ја препишал на брат ми. Ве сакам, но доволно беше“, рече и замина.

„Весна, како не ти е срам, врати се! Од каде си ги научила овие зборови? Па на брат ти ќе ја препишам, машко е, на кого да ја препишам куќата!“, викаше татко ѝ по неа и стана од масата.

Но, Весна не слушаше. Излета низ врата. Го правеше планот за својот нов живот. Каква е оваа сила која ја понесе? Се молеше само да ја зачува таа сила додека најде решение. „Можам. Сакам. Ќе успеам“, повторуваше во себе.

Не беше загрижена за родителите, ќе се снајдат. Да најде привремено решение и ќе им се јави, а можеби и ќе оди да ги види. Не сакаше да се лути никому. Најмалку себеси. Сакаше само да започне нов живот. Нејзиниот вистински живот.

Кркардаш или „Светите славни 40 битолски преподобномаченици“ е бедем на христијанската љубов и единство
Православниот храм посветен на „Светите славни 40 битолски преподобномаченици“ претставува духовен чувар …
Тишина во стиховите: Денот на поезијата во сенка на тагата
Во овие денови на тага, кога Македонија жали за трагичната загуба на …
Водовод Битола

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…