PANDE MANOJLOV DALECEN SON 800x430 1

Во 2020 година, поетот Панде Манојлов, вљубеникот во вистината и во кусата песна со долго значење го напушти земниот свет. Широк Сокак остана без својот поет. Малку зборуваше, многу пишуваше, од душа, секој збор му е осолен, не му остана должен на недокажаноста.

Шадрван

Тих некој призвук на пајтон што мине

ко бол староградски во сонот ме мачи:

го заборавивте пристанот на љубовта

о, луѓе, вие што бродите во богати води!

Заборавен од водата и фрлените парички

Снебидно ме одбегнува и сат и бреме,

модра слика високо стежната самува,

О, луѓе, вие што бродите во богати води!

Како уморни заљубеници во Градот што блеска,

поседнете на камениот круг на ова време

и барајте се, што ве нема на Плоштадот,

о, луѓе, вие што бродите тивко во моите води!

Јадење на душата

Над чинарот столетен,

Кога Саатот

одѕвони полноќ,

ѕвезда

од небото падна.

низ ќепенок

го виде тоа

терзијата стар

и на образот

солза му блесна.

Свеќа е животот,

рече,

свеќа

од „Свети Димитрија“

купена,

кривулест сокак

е животот

угорнина

од Широк Сокак

до Смилевски Баир

и горе,

а ѕвездата

сал тогаш паѓа

кога душата

кон небото јазди!

Грешник

Многупати во животот грешев.

Честопати, без да сакам, неволно…

Потем, со молитва ноќе се тешев:

Простете, гревот ме погоди болно!

Боже, те прашувам, беше ли така?

Во животот никого јас не мразев

И знаев како човек треба да се сака,

Но, ете, грешен, на зборот си газев.

Од судот, знам бегање се нема.

Бог сè плаќа, тој и ќе ми суди,

Грешен бев, утре ќе ме снема –

Со сите гревови неволни и луди…

Македонија

Како евтин дар

ни е судбина

во самракот

и ветерот што ѕуни,

како сноп е таа

без јажица

растурен во јуни!

Катаден

зборот на нашите чеда

е исполнет со тага,

без насмевка

полн сиромаштија

и жал за татковината

што ја губат!

Поблиска

ни стана Австралија

од дедовите ниви,

уште поблиска

и Шведска

и Германија

од родните стреи!

Ги немаме

уздите в раце,

огламникот сега

друг го влече

кон провалии,

кон стрмнини

и бездни…

И пак нè делат

и пак нè селат

како делбите и селидбите

вечност да ни се – бесилка

и свилено јаже

за тенок врат…

Да се сакаме меѓу себе

Мој народен страден,

Да се сакаме македонски

Додека нè има,

Само така

Македонија

Мртва нема да биде!

Мојата тажна песна

Кога месечината

ќе се скрие

зад темните облаци,

мојата песна

почнува да тажи,

некоја јанѕза

ја гризе…

Никој не ќе остане

во Земјава, ми вели,

ниту некој ќе се врати

заминат

отаде морињата,

отаде мостовите

што ги нема.

Од напукнатото срце

течат стиховите,

еден ден

ќе нема кој да ги прочита,

освен Бог

и некој камбана

од височините…

Пред празниот куфер

Ноќва

ништо не ми е погодено:

ниту пролетта што заминува,

ниту есента

на мојот живот…

Сакам да избегам

Од самиот себе,

Од градот,

Сакам сè да спакувам

И сликите и спомените…

Сè да спакувам,

Татковино моја:

Светлина врз светлина,

Секој минат ден,

Сите дождови и рофји!

Молчи вечноста

пред  празниот куфер,

жар од тага срце ми пара,

без тебе, Татковино,

без тебе, Македонијо, каде?

Времето е кратко

Ја премолчеа смртта

На поетот од неговите песни.

Времето е кратко…

Зборовите на мртвиот поет

Во мракот – комар зјаат.

Кој да зборува за немиот?

Кој да му каже на глувиот?

Времето е кратко!

10.000 евра и 100% стипендија за Бреинстер НЕКСТ факултетот за Дамјан Давков, победникот на најголемиот математички натпревар UltiMATH
По два дена исполнети со многу возбуда, знаење и натпреварувачки дух, Македонија …
Реалниот христијанин денеска е личност којашто е често непочитувана, исмејувана, прогонета
Човекот кој има реална љубов во него за луѓето околу него – …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…