Боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“ од Битола постои веќе три години и брои некаде околу 60 членови од 6-годишна возраст па нагоре. Поразговаравме со Јове Петровски – Оцо од овој клуб, битолски боксер кој ни откри како боксот влијае врз развојот на децата, но и дека има предрасуди кон овој спорт кој всушност е племенита вештина. Ни ја откри и другата страна на клубот – хуманитарната.
Читај бе: Најнапред кажи ни нешто повеќе за Вашиот клуб.
Јове: Нашиот клуб е оформен во 2019 година. Желбата ми беше да работам со помлади генерации да го запознaат Боксот како спорт и да се насочат на еден добар пат во својот живот. Името на нашиот клуб е “ПЕЛИСТЕРСКИ ЈУНАК”. Инаку „Пелистерски Јунак“ е првиот клуб во Битола оформен во почетокот на 19 век.
Читај бе: Каде се вашите простории, каде ги одржувате тренинзите?
Јове: Нашиот клуб се наоѓа во Зградата на Центарот за Социјални грижи во населбата Карпош таму ги одржуваме тренинзите минимум 4 пати неделно.
Читај бе: Колку боксот како спорт е развиен во Битола? Како беше порано, а како е сега?
Јове: Боксот во Битола некогаш беше на многу високо ниво заедно со ракометот и фудбалот. Кога имало Бокс во Битола било празник за градот бидејќи тука доаѓале екипи како: Риека, Приштина, Пула, Куманово, Раднички и други боксерски екипи во тогашната СФРЈ. Боксот во Битола беше во лоша состојба, но со љубовта и желбата на неколку поединци полека успеваме да го вратиме на старите патеки каде и припаѓа.
Читај бе: Од која до која возраст се членовите на Вашиот клуб?
Јове: Клубот постои веќе три години и брои некаде околу 60 членови од 6-годишна возраст па нагоре.
Читај бе: Може ли да ни кажете дел од вашите активности, натпревари, награди…
Јове: Нашите активности за оваа сезона пред се’ се насочени на домашното првенство. Натпреварите се во Македонската Лига, Државното Првенство и здравје боже да избориме успех на нашите талентирани боксери да настапат на Меѓународната сцена.
Читај бе: Каков е боксот како спорт? Дали е потценет и има ли предрасуди кон него како спорт?
Јове: Боксот е пред се племенита вештина. Сите на прв поглед го разбираат како насилен спорт, а тоа воопшто не е така бидејќи боксот е, како што напоменав племенита вештина во која на боксерскиот ринг се надмудруваат два интелектуалци.
Читај бе: Кои се придобивките од боксот како спорт за развојот на едно дете?
Јове: Боксот како спорт е многу корисен и во многу држави е воведен како наставен час во училиштата, но за жал кај нас тоа не е така. Придобивките од боксот за развојот на едно дете се: Ја подобрува психофизичката способност, ја активира мускулатурата на целото тело, интензивно ги топи масните наслаги, ги подобрува моторичките способности, го стимулира производството на Ендорфин (хормон на среќа) кој го смирува и го крева расположението.
Читај бе: Вие како клуб, имате и една поинаква страна. Постојано сте вклучени во хуманитарни акции, изградба на манастири, акции за засадување… Може да ни кажете какви се акции имате досега реализирано?
Јове: Ова ми е најомиленото прашање. Како што и рековте, имаме и поинаква страна. Со голема љубов и верба во Бога се трудиме да помогнеме на беспомошните колку што можеме. Голема радост лично за мене и за моите членови е што ние не сме само клуб, ние сме и една голема Фамилија и од тука произлегува нашата хуманост и затоа сме препознатливи по добрите дела. Досега имаме реализирано повеќе акции на засадување дрвја некаде околу 2400 садници во месноста Баир. Организатори бевме на Хуманитарната акција „Херои на Својот Град” по повод велигденските празници. Често пати кога има работни акции помагаме на Бигорски, Пречиста, Рајчица, на сите цркви и манастири во Битолската околија и пошироко каде ќе побараат помош од наша страна. Се грижиме за сиромашни семејства и немоќни лица. Повеќе пати организирано како клуб даруваме крв. И уште многу други добри дела. Слава на Бога.
Читај бе: Која е вашата порака која преку ваквите акции сакате да ја испратите не само до младите во Битола, туку и до сите битолчани?
Јове: Пораката која сакаме да ја испратиме преку ваквите акции е дека сите сме еднакви пред Бога и дека сите еден ден ќе си заминеме од овој Свет, но запаметени по нашите дела.