Фановите на Ливерпул од Битола добија свое катче каде ќе се дружат и ќе ги следат натпреварите на Ливерпул. Местото се вика “Dirty Old Town”, а ќе биде збирно место за навивачите на Ливерпул. Од клубот за Читај бе велат дека клубот е од затворен тип и е отворен само за членови. Како дојдоа на идејата, како е опремен клубот и многу други работи – прочитајте во интервјуто.
Читај бе: Најнапред кажете кој стои позади новоотворениот клуб на љубители и навивачи на Ливерпул во Битола? Kако дојдовте до оваа идеја?
Здружението Официјален клуб на навивачи на Ливерпул „Македонија” – Битола, работи во склоп на OLSC Macedonia т.е. официјалниот фан клуб на Ливерпул во Македонија. Фан клубот во Битола неофицијално постои од 2002 година, а од 2013 година е и официјално признат од Ливерпул, дел e од нивната мрежа на фан клубови кои ги има преку 300 во целиот свет и делува на целата територија на нашата држава не само локално. “Dirty Old Town” е канцеларија на фан клубот и збирно место за навивачите на Ливерпул каде се гледаат натпревари и се одржуват заеднички средби. Идејата за отворање на вакво место постои од поодамна и со заедничка работа, размена на идеи и донации од нашите членови целта беше остварена.
Читај бе: Дали можеби искуствата од надвор ве натераа да отворите ваков клуб? Често сте патувале на натпревари, како таму се организирани навивачите и фановите? Имавте ли помош од некого?
Фан клубот на Ливерпул во Македонија е еден од најорганизираните и со најголема база на членови и често се организираат заеднички средби во повеќе градови во нашата држава во разни локали, а се организираат и поголеми собири заедно со фан клубовите од Босна, Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Отворањето на вакво место е придобивка за сите.
Читај бе: Што ќе се случува во овој клуб? Кој се може да дојде, што ќе се прави, ќе организирате настани, масовно гледање натпревари….
Просториите на клубот се отворени само за членови на фан клубот односно за навивачите на Ливерпул. “Dirty Old Town” е од затворен тип, не работи како кафич или слично, туку е наменет само за потребите на членовите на фан клубот. Воглавно тука ќе се организираат работни состаноци на Здружението и ќе се следат натпревари на Ливерпул. Фан клубот често организира и хуманитарни акции, спортски настани и ред други активности и ваквиот начин на организација ја олеснува работата во тој контекст.
Читај бе: Гледаме многу реквизити во клубот. Дали наменски се купени или пак тоа се ваши лични работи?
За декорација на просториите се употребени голем дел од лични реквизити на нашите членови, а дел се и наменски купени. Се што е направено, е направено заеднички и со добра волја на сите ангажирани околу клубот.
Читај бе: Кажете ни каде се наоѓа клубот и како ќе работите?
“Dirty Old Town” се наоѓа во комплексот Пелагонка 2 во Битола. Клубот работи по потреба и секогаш кога има натпревари на Ливерпул, и е отворен само за членови. За тоа како може да се стани член, што е потребно и како функционира целата работа секој можи да се информира во просториите на фан клубот, на социјалните мрежи (https://www.facebook.com/LiverpoolBitola) или на официјалната веб страна www.olscmacedonia.com.
Читај бе: Дали мислите дека на битолчани, особено на оние кои навиваат за Ливерпул им беше потребно едно вакво катче?
Кога станува збор за битолчани , не вакви катчиња, туку има голем број работи што им се потребни бидејќи градот се знај до каде е стигнат, а кога станува збор за навивачите на Ливерпул од нашиот град и нормално од секаде, секако дека ова е придобивка бидејќи тука е збирно место на истомисленици и сите сме пријатели.
Читај бе: Дали ги охрабрувате и фановите на другите клубови да се одлучат на ваков чекор?
Треба да се напомени дека на прво место во нашите срца како љубители на спортот од Битола е Пелистер, а после се друго. Во нашата држава има навивачи на разни клубови и секако дека вакви места се потребни. Се е поврзано со добра организација и секако финансии.
Читај бе: И на крај една порака до битолчани…
YNWA!
Error: Contact form not found.