Монографијата „80 години Народен театар Битола“, авторско дело на проф. д-р Иван Додовски, претставува значаен документ кој го бележи развојот на оваа институција и нејзиниот придонес кон македонската театарска сцена. Ова издание не е само историски преглед, туку и вреден запис за осумте децении на уметнички подем, творечки достигнувања и културна афирмација.
Монографијата, богато илустрирана и детално документирана, опфаќа период од 1944 до 2024 година. На 310 страници, таа нуди преглед на претставите, гостувањата, наградите, како и придонесот на режисерите, актерите, сценографите, костимографите и сите други творци што оставиле свој печат во историјата на битолскиот театар. Од првата претстава „Ѓоре Магаревски“, одиграна во ноември 1944 година, до нејзината нова изведба во 2024 година, Народниот театар во Битола прераснал од локална институција во признат ансамбл што успешно настапувал не само во регионот, туку и во Европа, САД, Австралија и Кина.
Како што истакнува авторот Иван Додовски, во изминатите осум децении во Битолскиот театар биле поставени 569 премиери со вкупно 11.670 изведби, кои ги следеле околу 3,2 милиони гледачи. Важно е да се нагласи дека околу дваесет проценти од репертоарот биле дела од најзначајните македонски автори. Историските податоци сведочат за богата соработка со 135 режисери, од кои 77 биле од Македонија, а 58 од други земји како Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Романија и САД. Посебно значајна е декадата од 1985 до 1994 година, која се смета за златен период на Битолскиот театар. Во 1992 година е постигнат апсолутен рекорд со 226 изведби за 84.645 гледачи.
Рецензенти на монографијата се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, а уредници се Билјана Крајчевска и Оливера Павловиќ. Лектурата ја изврши Жаклина Атанасова, додека во прибирањето податоци и подготовката на материјалите учествуваше стручен тим од Народниот театар Битола. Дизајнот на изданието е на Сергеј Светозарев.
Покрај историската вредност, оваа публикација претставува и мост кон иднината, овозможувајќи увид во динамиката на уметничкото создавање, културниот континуитет и значајните моменти што го обликуваа Народниот театар Битола како институција од врвно значење за македонската културна меморија. Монографијата „80 години Народен театар Битола“ не само што архивира еден импозантен театарски пат, туку и отвора простор за нови инспирации и сценски предизвици во иднината.