Гане Тодоровски (1929 -2010) од современ, денешен книжевен аспект може да се проучува не само како современа книжевна авангарда, туку како цел систем во јазична и книжевна конотација.
Неговите критички осврти, книжевни прегледи, согледувања и толкувања на македонската книжевност се основно четиво на секој кој почнува и продолжува да се занимава со македонскиот јазик и книжевност.
По Конески, Гане Тодоровски, најсуштински ми ја доловува родољубивата поезија, а најмашки од сите пее за жената.
Гане е познат по неговиот поетски јазик, кројач на неологизми, му одат од рака и како стихија ги вее од стих во стих, па така истовремено со огромен бунт и неверојатен шарм тој стана миленик на читателската публика.
НАШИНСКА
Да ние е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –
Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –
Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –
Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
ЉУБОВНА
Сè ли ти дадов? Сè ли си зема?
Догледање! Што чекаш?
Епилог нашата драма нема,
таа е бескрај, ко река
што едно влече, друго носи,
што мени лика лете –
та, како питач капка проси
од пресушениот ветер!
Таа е бучна, кога е полна,
та палави и плави –
таква е нашата љубов: болна
кога сме најмногу здрави!
Догледање! До прва пролет!
Ќе дотрчаш ко река,
за да оживееш опустен голет,
дарежна, топла, мека…
СКИЦА ЗА ПРВОТО ПИСМО ДО ЕМА ГЕРМОВА
Родена за да се родиш на мојот љубовден
И прв и последен, јас Те именувам МОЈА!
До тој ден те прижелкувам по севезден
И дните стопати до прекапнување ги бројам.
I love You, Я люблю тебя, Ich liebe Dich,
Како ли уште треба да речам дека Те сакам?
Колку е збунет овој недовршен стих
Пред една чуденка, пред молкот на саканата!
Зборот го болувам, болот го зборувам,
Не го преболувам, не го прегорувам,
И ќе ме сотрат еден ден чинам
Или убавите жени или лошите вина.
Малку ни остана за да младуваме
Песно, ко најверен пес што ме пазеше
Од сите јадови што ги јадувавме
И од радостите што ги радувавме
Ние – непобедниците непоразени!
Зборови скудни, вие предавници мили,
Речете и:
За Тебе сме сочувани низ сите Харибди и Сцили
Во чувствата на оној што треба да е твој,
Твој во најсвидните денови неспокој.