Резултатите кои ги соопшти 15 члената жири комисија на 2О-тото јубилејно издание на светскиот детски ликовен конкурс “Мојата татковина” од Минск – Белорусија за 2024 – 2025 година е дека на овогодинешното издание учествувале по поминатите квалификации 20 држави кои генерирале фонд од 8.500 детски ликовни дела.
Македонија на овој светски детски ликовен конкурс беше претставувана само од Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола и освои 4 медали и 16 дипломи.
“На конкурсот во Минск учествуваме од неговиот почеток. Всушност речиси и да нема детски ликовен конкурс во светот на кој како организација не сме започнале да учествуваме од неговото формирање. Така растеше студиото – заедно со нив, со повремени прекини но секогаш тука.
Оваа година на конкурсот во Минск имаме одлични резултати по 2 години пауза. Имаме сребрен медал за Ана Полизовска за цртежот под наслов “Пазарен ден во Битола” и три бронзени медали и тоа за Фросина Полизовска – Ангела Бошевска и Ромина Ресановиќ.
Темата е традиционална: “Мојата татковина – мојот дом – моето јас” и нашите ученици во основа го цртаа своето омилено место во Битола.” – изјави Елена Хаџи-Антоновска – претседателка на ДЛС.
Конкурсот во Минск е во организација на движењето за млади ликовни уметници – едукативен центар за нега на ликовниот талетн кај децата и младите “Зелен крст” во кој членуваат скоро сите еминентни професори и ликовини педагози од Белорусија и Русија.
“Нашето студио секогаш ги вреднува светските детски конкурси кои работат во реално време т.е. по стар принцип кој е ефективен. Не ги сакаме оние брзи online конкурси каде секој добива по некоја награди а искрено и се сомневаме дека еден цртеж може лесно да се злоупотреби за учество на повеќе такви “блиц” конкурси.
Нашиот принцип е поскап но дефинитивно е најефективниот затоа што оригиналното дело патува по пошта и организацијата или институцијата домаќин тоа ремек дело на млад ликовен талент го има во свое трајно владение и најчесто тие цртежи се донираат што значи дека огромни се шансите детско дело на наш член да се најде насекаде на планетата.
И таа радост и пред се можност нема цена.
Она што моментално работиме се и учеството на уште 20 светски детски ликовни конкурси додека студиото по традиција се “затвора” во мај кога привршуваат подготовките за 44 издание за 2025 година на светската детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр”.
Процесот е долг и започна од септември минатата година за од февруари оваа веќе да се работи на сите организационите сегменти. Годинава најавуваме поуспешно и поголемо и подобро издание од изминатите.” – истакна Славчо Неделковски – претседател на УО при ДЛС.
Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола од 18 – 27 април патува во Трабзон – Турција каде на 22 април ќе ја отвори својата изложба под наслов “Децата од цел свет во Трабзон” со 70 дела од минатогодишното издание на колонијата на темите: “староградската архитектура во Битола и Охрид и манастирската архитектура на 1.000 годишниот манастир “Свети Јован Бигорски” а во чест на 23 април – Празникот на детето во Турција.
Од Трабзон на 20 април ќе бидат објавени и наградите од 43. издание на светскиот детски ликовен конкурс со изложба “Битола” за ученици – учесници во категориите златни медали и дипломи за извонреден ликовен талент.