Кога се зборува за кикбоксот, повеќето имаат погрешна претстава што претставува овој спорт. Припаѓа на категоријата борбени спортови и се препорачува од голем број лекари и психолози за надминување на анксиозноста и стравот. Со цел да откриеме нешто повеќе за кикбоксот разговаравме со кој друг, ако не со Кикбокс мајсторот 6 дан, трикратен светски првак во екстремна самоодбрана во апсолутна категорија +18 мажи и жени – Дијана Неделковска од Академијата за боречки вештини „ЗА НЕД ДО“ Битола. Таа вели дека приказната дека кикбоксот е насилен спорт, најверојатно ја измислил некој кој нема С од спорт во сопствениот живот. Ќе откриеме и зошто овој спорт влијае позитивно на децата.
Читај бе: Зошто децата да почнат да тренираат Кикбокс?
Кикбоксот како спорт, ќе им ги покаже и докаже, како на децата така и на возрасните највредните лекции за животот. И што е најважно, ќе ги научи да се почитуваат самите себе пред сè, ќе ги научи да го почитуваат противникот, да бидат фокусирани и дисциплинирани како на тренинг така и во приватниот живот, да имаат поголема самодоверба, без која сите ние би биле изгубени и најважното од сè, ќе научат дека никогаш, ама баш никогаш не треба да се откажуваат, па дури и тогаш кога е најтешко.
Читај бе: Кој е бенефитот кој го имаат од кикбоксот?
Мојот одговор би го пренела со мисла од мојот татко која гласи: „Секој може да научи боречки вештини и да биде шампион, тешко е да си чесен и да (o)станеш човек”. Ете тоа е тој бенефит.
Читај бе: Како влијае врз психо-физичкиот развој на децата?
Последните години се соочувам со голем број деца и возрасни кои имаат ниска самодоверба, деца и тинејџери кои се жртви на малтретирање во училиштата, жртви на семејно насилство, но тука од друга страна пак ни доаѓа и дебелината која е во сè поголем пораст.
Малите позитивни промени направени многу рано во животот, резултираат со многу поголеми и подобри позитивни резултати подоцна.
Тренингот за боречки вештини влева чувство на самодоверба и цврстина, им дава на децата способност да се контролираат кога се испровоцирани или загрозени. Борбата не е решение и јас сум секогаш против тоа, но самоконтролата и смиреноста е она што ќе им помогне да го одбегнат секој проблем.
Читај бе: Може ли и возрасни да започнат да тренираат кикбокс?
Кикбоксот е еден од потешките спортови кој бара максимална посветеност како физички така и психички. Јас многу често на моите членови знам да им кажам дека кикбоксот е наука, и дека не е така лесно како што изгледа. Пред сè важна е желбата за овој спорт, останатото е работа на тренерот. Фактот дека многу наши членови кои се повозрасни, пребродиле одреден број на свои животни проблеми, говори колку часовите по кикбокс имаат важна улога во животот на еден човек.
За спорт никогаш не е доцна.
Читај бе: Кои се митовите кои постојат за кикбоксот како спорт и дали се вистинити?
Со оглед на тоа дека филозофијата на источните култури во светот на боречките вештини налага наследник на семејството да биде машкото дете и тоа дека кикбоксот е само машки спорт, тоа одамна веќе е заминато во историјата. Во светот на боречките вештини голем број на жени докажавме и покажавме што може една жена во овој „машки“ спорт.
А за приказната дека кикбоксот е насилен спорт, најверојатно ја измислил некој кој нема С од спорт во сопствениот живот.
Читај бе: Што претставува кикбоксот?
Кикбоксот се наоѓа во групата на стенд-ап поточно фул контакт борбени спортови каде што се дозволени удари со рака и нога, во одредени делови од телото. Борбата се изведува исклучиво во ринг, со посебна заштита, додека на самите тренинзи, часовите се сосема поразлични од борбата во рингот.
Во 21 век кикбоксот важи за еден од најпрепорачуваните спортови од страна на стручните доктори и психолози, а една од причините за тоа е намалувањето на анксиозноста и стресот. Со практикување на кикбокс ќе научите и како да се самозаштитите ( односно да се самоодбраните ), а тоа е причина плус да ја подобрите вашата самодоверба, да се научите на дисциплина и одговорност.
Кикбоксот е спорт за сите генерации, почнувајќи од најмладите па до најстарите. За рекреативци и за професионалци.
Читај бе: Кажете ни нешто за Вашиот клуб, колку членови има, на која возраст и што тренираат претежно?
Академијата за боречки вештини ЗА НЕД ДО поточно Златко Неделковски, го виде својот сјај пред 45 години, започнувајќи како Кунг Фу Клуб ,„Битола“ од Битола, и како таков малечок клуб кој борејќи се секојдневно низ сите препреки кои ги носи животот, денес е токму она што е, светски позната и призната академија за боречки вештини, со огромен број успеси.
Со оглед на тоа дека оваа академија е храм на таткото на кикбоксот, нашиот прерано починат учител Златко Неделковски, несомнено е да се зборува за квалитетот кој го добиваат нашите членови. ЗА НЕД ДО е позната по својот ред и дисциплина. Успехот не доаѓа преку ноќ, потребно е време и пожртвуваност, тоа го знаат сите оние кои се дел од ова наше мало скромно спортско семејство.
И ако во 21 век е успех да направите некого да излезе од својата комфорна зона која е седење дома пред паметните уреди и да доаѓа на тренинг, тогаш јас сум го освоила врвот.
Во ЗА НЕД ДО има место за сите. Тука членуваат деца од 5 годишна возраст, а додека најстарите членови до пред некое време имаа 75 години. Поделени сме во повеќе групи според возраст и познавање на боречките вештини.
Кикбокс, бокс и работа со традиционално оружје е само мал дел од она што се работи во нашата академија, а од пред скоро една година посебен акцент ставив на Инстиктивната самоодбрана која е наменета за луѓе кои што не практикуваат боречки вештини и спортови. Време да е се подигне свеста кај луѓето дека самоодбраната ни е потребна на сите нас.
Читај бе: Може ли да ни кажете нешто за постигнувањата на Вашите членови на натпреварите?
Како што и одговорив на претходното прашање, ЗА НЕД ДО постои 45 години, а со тоа и самите постигнувања на нашите минати и сегашни членови се доста големи.
Државни, Балкански, Европски и Светски шампиони биле премногу, знамето на нашата држава се веело безброј пати секаде низ светот и тоа во повеќе светски федерации и асоцијации.
Но тука ќе ја употребам уште една мисла на мојот татко, кој еднаш ми рече „Oстави делата да зборуваат за тебе“, па така како одговор за ова прашање ќе оставам да зборуваат децата, родителите, или скромно целиот свет.
Error: Contact form not found.