Jazz Factory Festival и оваа година ја потврди својата улога како еден од најзначајните културни настани во Битола и пошироко, носејќи не само врвна музика, туку и силна едукативна компонента.
Покрај концертите и промоциите на книги, фестивалот реализираше и едукативни работилници за ученици од основните и средните училишта, создавајќи простор за нови знаења, искуства и инспирација.
Во соработка со Австриска амбасада Скопје и Државното музичко училиште – Битола, се одржа инспиративен мастер клас предводен од Lukas Meissl. Младите музичари имаа ретка можност за директна работа со врвен уметник, поставувајќи прашања и навлегувајќи подлабоко во светот на џезот.
Атмосферата беше исполнета со енергија, љубопитност и вистинска музичка размена – токму она што им е потребно на младите таленти за да растат.

„Мастер класовите имаат особено значење за младите музичари, бидејќи претставуваат ретка можност за директен контакт со врвни интернационални уметници и стекнување практични знаења, што е суштинска надградба на формалното образование“, истакна директорката на Државното музичко училиште, Марија Шамоска Буџаковски.
Таа додаде дека ваквите средби придонесуваат за развој на техничките и интерпретативните способности на учениците, како и за нивната мотивација, самодоверба и уметничка зрелост.
Особено значајно е што ваквите активности се реализираат токму во Државното музичко училиште – Битола, институција која континуирано вложува во квалитетно музичко образование и развој на младите таленти.

Фестивалот има и пошироко културно и општествено значење, претставувајќи платформа за промоција на џез музиката, но и за вмрежување и размена на искуства меѓу домашни и странски уметници. Со поддршка од меѓународни партнери, се зајакнува културната соработка и се внесуваат европски вредности во локалниот контекст.
Во организацијата и реализацијата значајна улога има директорот на фестивалот, Сашо Поповски, кој континуирано придонесува за развојот на овој културен настан.
Покрај активностите во музичкото училиште, едукативна работилница се одржа и во Europe House Bitola, каде најмладите имаа можност да го откријат светот на џезот преку „Jazz Factory For Kids“.
Во креативна и разиграна атмосфера, децата слушаа џез, се обидоа да свират и ја почувствуваа магијата на оваа уметност – слободна, жива и инспиративна. Работилницата ја водеа студенти и дипломци од Џез одделот при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а во неа се вклучи и професорката Агнес Лакатош.
На работилницата присуствуваа и директори на џез фестивали од регионот, Драган Влајниќ и Винко Михајловиќ.
Дополнително, учениците од ООУ „Коле Канински“ – Битола, под менторство на наставничката Ирена Богданоска, активно учествуваа во работилницата, збогатувајќи го своето музичко искуство преку практична настава.
Синергијата помеѓу фестивалот и образовните институции создава силна основа за развој на младите музичари, овозможувајќи им пристап до знаење, инспирација и професионални контакти – нешто што е од непроценливо значење за нивниот идeн уметнички пат и за унапредување на културниот живот во целина.








