zaneta t

Да се биде директор на едно од најстарите училишта во Битола, како што е ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Битола, носи многу предизвици, но и огромна одговорност. Жанета Тошеска веќе трета година е на чело на ова училиште и секојдневно се залага за подобро образование, инклузивност и создавање на позитивна училишна средина. Во ова интервју зборуваме за тоа како училиштето ги мотивира учениците, кои се актуелните проекти, како родителите можат да помогнат во воспитувањето на децата, но и како новите технологии, особено мобилните телефони, влијаат врз однесувањето и концентрацијата на учениците.

viber image 2025 02 19 23 24 42 171

Читај бе: Веќе трета година сте на чело на едно од најстарите основни училишта во Битола. Кои се предизвиците со кои се соочувате како директорка на ОУ „Свети Кирил и Методиј“ Битола?

Жанета: Предизвици има многу, но најчест и најтежок предизвик е работата со луѓето, односно вработените, учениците и родителите. Во нашето училиште учат околу 400 ученици, сите различни, со различни потреби, доаѓаат од различни смејства и опкружувања. Предизвик е да им се помогне и да им се излезе во пресрет на сите ученици, да се извлече нивниот максимум во однос на образованието, но исто така и да се внимава и на нивното воспитување, кое е дел од образовниот процес.

Читај бе: Како училиштето ги мотивира учениците за учење, но и вклучување во воннаставни активности?

Жанета: Стручната служба и наставниците во нашето училиште се во постојан контакт со учениците, запознавајќи ги нивните интереси и мотиви за работа преку разговори и работилници. Ние не сме големо училиште, односно немаме многу ученици и тоа кај нас е предност затоа што можеме да им посветиме повеќе внимание на секој ученик. Секојдневно се разговара со некои од нив и според нивните одговори и интереси, а и според потребите и предизвиците на ова модерно време, се креираат програмите за воннаставните активности. Истовремено ги следиме и активностите и настаните во локалната заедница, па често одлучуваме на кои од тие настани или активности би учествувале нашите ученици со цел зголемување на знаењата и нивните интереси.

viber image 2025 02 19 23 24 35 446

Читај бе: Каква е ситуацијата со бројот на првачиња во вашето училиште, дали расте или опаѓа во последните години?

Жанета: Бројот на првачиња во нашата област варира од година во година. Во глобала бројот опаѓа, но имаме и наставни години кои го покажуваат спротивното, па останува на тоа да видиме како ќе се движи бројот на новозапишани ученици во наредните години.

viber image 2025 02 19 23 24 40 832

Читај бе: Дали има доволно простор и услови за сите новозапишани ученици, ако се земе предвид зградата на училиштето која е стара и исторска градба?

Жанета: Со оглед на реонизацијата и местоположбата на нашето училиште досега сме немале поголеми проблеми во однос на просторот и условите, скоро секоја учебна година се запишуваат ученици кои се доволно за нашиот простор и училници.

viber image 2025 02 19 23 24 37 491

Читај бе: Какви подобрувања во наставните програми и методи се воведени во последните години?

Жанета: На ова прашање не е секогаш лесно да се одговори. Некои промени кои се воведуваат носат позитивни резултати, а некои негативни. И најчесто, за да се оцени дали промената е добра или не, потребно е да поминат повеќе години, односно ние што би рекле, да завршат една-две генерации за да можеме реално да ја оцениме промената во наставните програми.

viber image 2025 02 19 23 24 44 265

Читај бе: Кои се активностите во училиштето кои им помагаат на учениците во нивниот личен и академски развој?

Жанета: Најчесто во рамките на училиштето правиме работилници на различни актуелни теми и проблеми кои често ни ги посочуваат самите ученици. Тие работилници некогаш ги креираат самите ученици нормално со помош на стручната служба и наставниците. Со самото тоа што учениците активно учествуваат на работилниците и нивното креирање тие учат, ги подобруваат своите вештини и се развиваат како личности.

viber image 2025 02 19 23 24 39 583

Читај бе: Дали планирате некакви проекти или иновации во наставниот процес во наредниот период?

Жанета: Секако дека постојано планираме проекти и активности во рамките на нашите можности. Најчесто се прават помали планови за подобрување на условите во училиштето, поправки, санации и реновирање на училници и просторот за работа. Поголеми проекти кои сме ги изработиле се целосно реновирање на 4 училници од кои две за учениците од прво одделение, набавена е една електронска табла, во една училница набавени се спортски реквизити и истата се користи од страна на најмалите ученици, обновена е фасадата на подрачното училиште во село Логоварди и во училишниот двор направени се спортски терени за кошарка и фудбал. На нашето училиште се поставени и фотоволтаици преку проектот „Сончеви училишта“ на фондацијата Отворено општество која ги подржува  училиштата, а со тоа и локалната заедница за обезбедување на енергетска безбедност и намалување на загадувањето.

Читај бе: Пред да бидете директор, вие работевте со најмалите, бевте наставничка во прво одделение. Колку е битен тој прв впечаток, прв контакт на учениците со училиштето во понатамошниот развој?

Жанета: Првиот впечаток е секако најважен, првите училишни денови секогаш остануваат најживи во нашите сеќавања. Ние сме сите различни и наставниците и учениците,  покажуваме различни емоции во различни ситуации, па би рекла дека тие први денови на учениците се исполнети со најразлични емоции, но најчесто тие се љубопитни, сè ги интересира, сè сакаат да знаат, се соочуваат со нова и за нив непозната средина, нови деца, наставници, нови ликови. Како наставник во првите училишни денови секогаш се трудев прво да ги запознаам децата и нивните интереси, потреби и желби и преку разговори и активности да се вклопат во новата околина.

viber image 2025 02 19 23 24 32 498

Читај бе: На што треба особено да се посвети внимание за писменоста кај децата да биде на повисоко  ниво?

Жанета: Писменоста на учениците во моментот според мене не е на најзадоволително ниво. Тоа го покажуваат и големиот број на истражувања од таа област во нашата држава. Достапноста на различната технологија денес го отежнува процесот на писменост и борбата на наставниците е макотрпна и долготрајна. Љубовта кон книгата и пишаниот збор треба да се развива уште од мали нозе прво во рамките на семејството а потоа и на училиште. Мислам дека родителите се тие кои први треба да им ги отворат вратите на своите деца кон бајките, басните, сликовниците, приказните а потоа интересот и навиката за читање да продолжи и во училишните клупи. Секако дека секој од нас максимално се вложува за да се подобри писменоста на нашите ученици така да и секој мал напредок за нас е голема награда и успех.

Читај бе: Како да се избориме против мобилните телефони и социјалните мрежи кои факт е дека влијаат не само на успехот кај поедини ученици, туку и врз несоодветното однесување?

Жанета: Секое училиште се соочува со истиот проблем, мобилни телефони и социјални мрежи кои најчесто од страна на учениците се користат несоодветно и влијаат врз однесувањето, но не само кај младите лица туку и воопшто кај сите нас. Во нашето училиште се донесе одлука да се заклучуваат телефоните во текот на наставата, односно преку цел ден. Реакциите на некои од учениците и до денес не престануваат, ги бараат своите телефони за време на одморите. Претпоставувам дека ако имаме промена во законите за користење и носење на мобилни телефони тогаш би било полесно, а мислам дека таа промена треба да се направи што поскоро затоа што по донесувањето на одлуката за забрана на телефони за време на наставата сите учесници во наставниот процес, и наставници и стручна служба, забележаа дека има голема промена во однесувањето на учениците, тие се посконцентрирани на часовите, повеќе разговараат помеѓу себе и се дружат и нивното однесување доликува на нивната возраст. Борбата е тешка затоа што технологијата веќе е длабоко навлезена во нашето секојдневие, но секој мал напредок за зголемување на свесноста за користење на социјалните мрежи на полезен и позитивен начин од страна на учениците е наш голем успех.

Читај бе: Кој би бил вашиот совет до родителите кога станува збор за воспитување и образование на нивните деца?

Жанета: Мојот совет за родителите би бил, слушајте ги вашите деца и почитувајте ги, читајте им книги и сликовници, дружете се со нив во секој слободен момент, играјте со нив како и вие да сте дете, истрпете ги некогаш нивните хирови цврсто без да потклекнете на идејата да им го дадете телефонот во раце или да им пуштите телевизија за да се смират. Ако треба и казнете ги и искарајте ги, за да знаат дека направиле нешто погрешно. Пред сè сакајте ги такви какви што се и не се трудете да направите од нив личности какви вие што би сакале да бидат.

Научете да ги читате луѓето – затоа што не секогаш ја говорат вистината
Секој од нас, барем еднаш се соочил со ситуација кога некој му …
Не го трошете животот на луѓе кои не го заслужуваат тоа
Не го трошете животот на некои луѓе чии заеднички денови беа повеќе …
SUMMER JK post

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…