Од 13 до 17 во Охрид и Битола ќе се одржи 23-то издание на Интернационалниот музички фестивал Musicland. Овој фестивал од самиот почеток носи огромен број учесници од целиот свет, кои уживаат во убавините на Македонија. Некои од нив повторно се враќаат воодушевени и од самата организација на фестивалот.
Како што вели директорот на Musicland, Тони Алексовски, овој фестивал има епитет како еден од најдобро организираните во Европа.
Разговаравме со Алексовски за фестивалот и предизвикот во овие тешки времиња да се организира еден ваков фестивал со 120 гости, 58 учесници од 18 земји.
Двете вечери ќе бидат во Охрид, додека за во Битола е резервиран гала концертот каде ќе настапат 15-те најдобри учесници од категоријата филмска музика, кабаре и мјузикл заедно со Камерниот оркестар на Битола на 16 август со почеток во 19 часот.
Алексовски ги повикува битолчани да бидат дел од оваа незаборавна вечер каде интернационални изведувачи, кои се големи музички имиња во своите земји ќе приредат шоу за уживање со песни од филмска музика, кабаре и мјузикл.
Читај бе: Тони, најнапред раскажи ни како се роди фестивалот Musicland?
Тони Алексовски: Сé започна од 2000 година кога за прв пат се формираше детскиот музички фестивал „Тра лала“, а потоа следеа покани за учество на фестивали во други држави, во Босна и Херцеговина, Словенија, Италија и други. Па потоа следеа возвратни посети на тие учесници, раководители на делегации, членови во жири на нашиот фестивал, така што фестивалот „Тра лала“ се подели на два фестивала, значи оттогаш постои фестивалот Musicland и „Тра ла ла кој 23 години во континуитет се одржува во нашиот град.
Читај бе: По што е карактеристичен овој фестивал?
Тони Алексовски: Натпреварувачкиот дел се одржува во Охрид, учесниците прво настапуваат со поп песна на мајчин јазик или поп песна на било кој друг странски јазик и песна од категоријата филм, кабаре и мјузикл. Карактеристично е тоа што ова е еден од единствените фестивали во Европа кој има ваква концепција и ваков репертоар на натпреварување. Учесниците настапуваат со 3 песни, специфично е тоа што најдобро пласираните 15 учесници од категоријата филмска музика, кабаре и мјузикл настапуваат на гала концертот во Битола придружувани од Камерниот оркестар на Битола. Ова веќе ни е шеста година по ред како соработуваме со оркестарот и диригентот, местро Владимир Димовски.
Читај бе: Во колку категории ќе се натпреваруваат учесниците?
Тони Алексовски: Предизвик на гостите од странство е да дојдат во нашата држава, да ги видат природните убавини на прекрасниот Охрид, да бидат дел од организираните екскурзии во Свети Наум, да бидат дел од ноќното крстарење по езерото, исто така патувањето во Битола, учествувањето на гала концертот, тоа е незаборавно искуство исто така за тие учесници да настапуваат со еден таков оркестар. Исто така фестивалот има 5 возрасни категории, првата категорија е од 5-9 годишна возраст, втората е од 10 до 12-годишна возраст, третата е од 13 до 15-годишна возраст, четвртата од 16 до 19-годишна возраст и петтата од 20 до 35-годишна возраст. Имаме учесници од 18 држави оваа година, тие се учесници на кои ова нема да им биде прво искуство, настап на ваков фестивал, тие учествувале на многу големи фестивали низ целиот свет. Некои од повозрасните, биле учесници и на Евровизијата за возрасни, така што тие се навистина големи музички имиња познати во своите земји, и престиж им е да учествуваат на нашиот фестивал, да бидат гости во нашиот град, нашата држава и да учествуваат заедно со камерниот оркестар.
Читај бе: Има ли учесници кои повторно сакаат да учествуваат и се враќаат на фестивалот?
Тони Алексовски: Да, оваа година имаме неколку делегации кои веќе биле минатата или предминатата година, и желба им е повторно да се вратат бидејќи се навистина воодушевени од нашата гостопримливост, воодушевени се од убавините на нашата држава. Има случај, делегација на Малта кои во текот на еднонеделниот престој во нашата држава, инсистираше три пати да ги однесеме во Свети Наум. Тие тоа го доживуваат како рај на земјата. Исто така уживаа во прекрасните прошетки на Пелистер, бидејќи има држави каде нема планини и висорамнини, па беа пресреќни со тоа. Среќни се од нашето гостопримство, од нашите услови за престој во нашата држава, воодушевени се од нашата храна и организацијата на фестивалот, бидејќи ние мора да признаеме дека на овој фестивал како организација му даваме многу љубов, насмевки, затоа ним им е прекрасно да бидат на нашиот фестивал и затоа сакаат повторно да се вратат да учествуваат на нашиот фестивал.
Читај бе: Колкав е предизвикот за вас како организатори да го организирате еден ваков фестивал со толку многу учесници?
Тони Алексовски: Секако дека е предизвик, бројката е импозантна. Да се има околу 20 држави гости е навистина е предизвик и секоја година се обидуваме да ја зголемуваме бројката, и кога стигнавме на врвот и за нас се зборуваше во целиот свет, за жал имавме период на пандемија. Инаку пред пандемијата во 2018 и 2019 година имавме учество на 32 земји учесници во една година, и не само од Европа туку имавме и учесници од Австралија, од Куба, Индија, Бахреин, Либан.
Читај бе: Колку награди се доделуваат? За нив ќе одлучува интернационално жири составено од професионалци од Албанија, Ерменија, Бугарија, Косово, Србија, Израел, Латвија, Португалија, Малта и Словенија.
Тони Алексовски: Има две категории, поп и категорија филмска музика, кабаре и мјузикл. Најдобро пласираните во филмска музика настапуваат 15 најдобро пласирани на гала концертот, додека во поп категорија во секоја категорија се доделуваат специјална награда, прва, втора, трета и четврта награда и гран при за кој е предвиденоа 1000 евра награда која ја обезбедува IW Connect. Секој учесник обезбедува специјално изработени медали, лиени специјално за овој фестивал, се доделуваат дипломи и плакети рачно изработени. Имаме организирано крстарење ноќно со диџеј за добредојде на гостите, целодневна екскурзија со брод до свети наум
Читај бе: Рековте фестивалот го организирате со многу љубов. Колкава е поддршката која ја добивате?
Тони Алексовски: Навистина е тешко во едно вакво време да се прави ваков фестивал, интернационален, со 120 гости, 58 учесници и сето тоа да биде во 5-6 дена организирано до минута. Нормално дека љубовта која ја имаме 23 години кон организацијата на фестивалите ни дава поттик и понатаму да можеме да го организираме, да ни биде предизвик и да бидеме се подобри и подобри. Овој фестивал го има епитетот и како најдобро организираните фестивали во цела Европа, но се соочуваме и со тешки времиња и моменти во нашата организација бидејќи фестивалот Musicland беше 10 години во програмата на министерството за култура, додека во последните 4 години фестивалот веќе не е дел од програмата на министерството. Исто така 15 години фестивалот беше дел од Битолското културно лето Битфест, за жал оваа година за прв пат е избришан од програмата и не знаеме од кои причини. Наше мислење е дека, независно од нас, кој некој друг би правел толку голема манифестација од ваков вид и кој може да донесе во нашата држава 20 земји учеснички, логично е како по примерите во другите земји кои ни ги споделуваат учесниците кои доаѓаат каде ги поддржуваат фестивалите, секој да му понуди да биде дел од таква манифестација, а не да го избришат како манифестација.