Мелиса Комина од Битола, млада и амбициозна студентка на Високата медицинска школа, медијатор во Ромскиот образовен-здравствен центар во Битола, неодамна ја имаше промоцијата на својата прва авторска книга насловена како „Како индиго под ѕвездите“. Пишуван за време на короната, се работи за љубовно-романтична приказна сместена на импресивни 490 страници во која се вметнати медицински детали. На овој начин, упорна, Мелиса го направи својот чекор кон остварување на својот сон и влегување во светот за кој копнее – пишувањето.
За патот до нејзината прва книга, како медицината стана дел од нејзиниот живот, помагањето на ромското население како здравствен медијатор, прочитајте во интервјуто со Мелиса.
Читај бе: Мелиса, кажи ни нешто повеќе за самата книга, како дојде на идеја да ја пишуваш?
Мелиса: Додека траеше короната сите паѓаа во депресии и се плашеа за својот живот, па затоа јас решив да не бидам како нив и започнав да пишувам нешто. И тоа ми помогна да останам оптимист и покрај лошите околности во кои се наоѓавме. Во неа пишувам за љубовта меѓу една докторка и еден рапер, а и лидер на една позната група. Тој е инаетлив, а таа борбена и упорна. Taa нема време за љубов, а тој премногу очекува од една жена, но на крајот принудно завршуваат заедно. Се соочуваат со разни предизвици и проблеми, но како ќе ги надминат и дали ќе ги надминат тоа ќе оставам читателите да прочитаат.
Читај бе: Колку време ја пишуваше? Како се чувствуваше кога твоето прво дело го зеде в раце?
Мелиса: Успеав да ја напишам за период од три месеци, но ја издадов за три години. Не можам со збор да ја опишам борбата која ја водев со години за да ја издадам, но откако ја издадов си реков на себеси: „успеа“. Бев среќна дека не се откажав од книгата ни за момент.
Читај бе: Какви беа реакциите после промоцијата, кај оние кои ја прочитаа книгата?
Мелиса: Иако е толку обемно книга, сепак се чита во еден здив, драмите не ме оставаат да спијам се додека не го завршам цело поглавјето – ми рече една колешка и тоа навистина ме направи среќна бидејќи многу ми беше страв дали ќе се чита бидејќи е навистина голема.
Читај бе: Од каде инспирацијата за да напишеш еден ваков роман?
Мелиса: Љубовта кон медицината ми беше потик да почнам да пишувам. Прво се замислував како докторка и тоа што го учев секој час по хирургија го пишував настрана како божем навистина да сум се сретнала со тој случај и така пишувајќи си реков себеси дека е време тие текстови да ги спојам во една приказна.
Читај бе: Мелиса, кажи ни нешто повеќе за љубовта кон пишаниот збор…
Мелиса: Таа љубов ја негував уште од малечка. Често знаев да седнам кај баба ми со книгите и една по една да ги препрочитувам секојдневно и да си правам разни приказни во главата дека се дружам со главните ликови од книгите.
Читај бе: Вклучувањето на медицинските детали во самиот роман ни ја открива и твојата друга пасија, а тоа е медицината. Ти си студент на Високата медицинска школа, а воедно си и здравствен медијатор во Ромскиот здравствено-образовен центар во Битола. Ќе ни откриеш ли како ја засака медицината и се определи за неа како твоја идна професија?
Мелиса: Медицината не е нешто што го одбрав да го учам, го сакав новинарството. Но бев принудена да се запишам во медицинско училиште. Така што иако не ја одбрав јас медицината таа ме одбра мене, а јас ја засакав премногу. Таа е нешто преку кое може да се соживееме со другите проблеми, но и да им помогнеме. Затоа ја сакав медицината, бидејќи има моќ (ако се искористи правилно) да помага глобално.
Читај бе: Раскажи ни малку за искуството од работата како здравствен медијатор. Која е твојата работа?
Мелиса: Мојата работа е да посредувам помеѓу ромското население и здравствените институции со цел добивање на здравствените услуги. Нашиот центар нуди превентивни прегледи, гинеколошки прегледи и разни предавања во врска со здравјето, како на пример добивање здравствено осигурување, здрава исхрана, машко здравје, здравје на забите итн. Многу ме радува тоа што можам од прва рака да им помагам на овие луѓе кои и тоа како го заслужуваат тоа. Кога ќе им кажам „сето тоа е бесплатно“, кога ќе им го видам тој сјај во очите и кога ќе речат „Господ нека ве благослови, фала ви многу“, тоа некако ме исполнува со среќа.
Читај бе: Дали би ни издвоила некоја случка која особено ти оставила впечаток додека си дел од РСЗЦ?
Мелиса: Особен впечаток ми остави тоа што имав можност да им асистирам на докторите. Со тоа си го надоградувам моето знаење, но и им давам поголема сигурност на нашите корисници дека не се сами додека се врши прегледот.
Читај бе: Каде се гледаш во иднина? Што е она што би сакала да го постигнеш?
Мелиса: Многу често поставувано прашање, но за жал јас не сум личност што ја планира иднината. Знам дека сакам да продолжам со пишувањето книги и да патувам низ светот сознавајќи нови култури и нови луѓе, за да имам и по некоја инспирација за нови книги.
Читај бе: Дали да очекуваме уште дела од тебе?
Мелиса: Би сакала да ако оди се како што треба. Омилена тема за читање уште од мала било периодот на втората светскта војна и Аушвиц. Веќе започанв да пишувам нешто околу тоа, но бидејќи тоа е длабока и сензитивна тема за многумина од нас одлучив да ја пишувам постепено бидејќи сепак сакам да биде убава и поучна.
Читај бе: Која е твојата порака до младите?
Мелиса: Понекогаш знаеме да се бориме за другите, да им помагаме на другите луѓе, а најчесто се забораваме себе си и своите желби и соништа. До младите би ја упатила таа иницијатива: „не го заборавајте детето во себе“. Моето индиго излезе, па размислете за вашето.