Во време кога модата сè почесто се произведува масовно, а креативноста се губи во шаблони, ретки се оние кои одлучуваат да создаваат со раце – полека, трпеливо и со многу љубов. Ја запознав Лила Давиткова, таа е жена со неверојатно богата внатрешна сила и страст кон уметноста на рачната изработка. Нејзините чанти не се само модни додатоци, тие се мали уметнички дела, секое со своја душа и приказна. Нејзиниот пат започнал ненаметливо – со поддршка од сестрата и љубопитност да се проба нешто ново. Но, токму таа искра љубопитност ја отвори вратата кон свет исполнет со боја, текстура, инспирација и уникатност.

Денес, таа не создава само чанти, туку и моменти на радост кај секоја жена која ќе ги носи.
Во ова интервју, таа открива како од едно хоби создаде нешто многу повеќе. Зборуваме за инспирацијата, материјалите, процесот на работа, поддршката од семејството, соработката со сестра ѝ, како и за идните планови – можеби и сопствен бренд кој ќе го понесе нејзиниот креативен потпис.
Читај бе: Како започна вашиот пат во изработка на чанти?
Лила: Мојата плетена приказна започна сосема спонтано. Идејата ми ја даде мојата сестра Славица Стоименовска која денес исто така изработува прекрасни чанти. Гледајќи ја неа како со игла и конец создава нешто посебно, нешто модерно и уникатно, посакав и јас да пробам.
Таа ми ги покажа првите чекори, и со нејзина помош јас ја изработив првата чанта. На почеток ми изгледаше неостварливо за мене, но кога желбата е голема и работиш нешто со многу љубов и внимание, тогаш успехот е загарантиран.
Од тука започна сè… Јас потоа со часови ги следев туторијалите на YouTube, од каде ги црпам идеите за моделите на чантите.

Читај бе: Што Ве инспирира да создадете уникатни рачно изработени чанти?
Лила: За мене најголемата инспирација доаѓа од љубовта — љубовта кон рачните изработки, љубовта кон нешто што е уникатно и изработено со многу труд и внимание. Исто така, мој омилен моден детаљ на една дама е чантата, затоа сакав да создадам нешто поинакво, модерно, што не може да се сретне низ бутиците и продавниците за чанти.


Читај бе: Колку време обично ви е потребно за да изработите една чанта?
Лила: Јас по природа сум перфекционист и во изработката на чантите не брзам. Ги работам со големо внимание и посветеност, затоа што сакам, како што велат постарите – „сè да ми биде под конец“. Многу ми е важен крајниот резултат и сакам личноста за која ја изработувам чантата да биде задоволна – а тоа е и мое задоволство. За два до три дена, секако, изработувам една чанта, но тоа најчесто зависи и од моделот и од мојата мотивација.


Читај бе: Кои материјали ги користите во изработката на вашите чанти? Дали има некои кои ви се фаворити?
Лила: Јас работам со два вида конец: тоа се трикотажен – 100% памук, и макраме – 100% полиестер. Фаворит немам, ги сакам двата вида подеднакво, бидејќи чантите се преубави и од едниот и од другиот конец.

Читај бе: Како ги развиваш и усовршуваш своите вештини во ракотворството?
Лила: Желбата да создадам нови модели секојдневно ме носи во нови предизвици, со кои сè повеќе и повеќе го усовршувам ракотворството. Исто така, соработката со сестра ми ни е одлична – си разменуваме идеи и често заедно плетеме.
Читај бе: Дали имате некои обичаи или ритуали пред да започнете работа на нов дизајн?
Лила: Пред да започнам нов дизајн, имам обичај да си пуштам добра музика, удобно да се сместам и да го замислам моделот како треба да изгледа. Секогаш работам во домашна атмосфера – околу мене е мојата најголема поддршка: сопругот и децата. Ќеркичката има 13 години, таа ги следи модните трендови и често знае да ми помогне околу дизајнот на чантата, а исто така и да ми даде позитивна критика кога треба.


Читај бе: Кој дел од процесот на изработка ти е највозбудлив или најдосаден?
Лила: Кога работите работа која ја сакате, кога тоа го работите со љубов и посветеност, сè – од почеток до крај – ви е убаво, лесно и возбудливо. Што се однесува до изработките – немам досаден дел. Секој дел си е интересен на свој начин.
Читај бе: Дали имате некои идни планови за проширување на вашиот бизнис или нови проекти?
Лила: Во моментов сум сконцентрирана на усовршување на тоа што го работам. Сакам да изработам што повеќе модели за да има модел за сечиј вкус. Можеби понатаму би сакала, заедно со мојата сестра, да направиме некој наш бренд по кој ќе бидеме препознатливи.

Читај бе: Што би сакала да постигнеш во иднина со твојата работа?
Лила: Би сакала да им бидам инспирација на што повеќе млади девојки – наместо телефоните, да ја земат во рака магичната игла и да создаваат, да творат. Барем еден дел од нивното слободно време да го поминат со нешто креативно, нешто убаво. Плетењето е јога за мозокот – тоа релаксира, опушта и те прави среќен кога ќе создадеш нешто свое.
Читај бе: Што значи за вас „квалитет“ кога станува збор за вашите производи?
Лила: За мене најважно е чантата да биде изработена со многу внимание и љубов, затоа што на тој начин чантата добива душа – се чувствува и се гледа нејзината вистинска убавина. Секако дека за квалитетот е важен и материјалот од кој е изработена, и затоа јас многу внимавам кога го одбирам материјалот.









